Abdulbesar Ademi
19 Октомври 2020•Ажурирај: 20 Октомври 2020
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за здравство на Република Северна Македонија, Венко Филипче, кој најави нови ограничувачки мерки за спречување на ширењето на новиот коронавирус (Ковид-19) во земјата, изјави дека доколку мерките презентирани пред Парламентот не го намалат бројот на нови случаи, следниот чекор ќе биде целосно ограничување на движењето на граѓаните, пренесува Агенција Анадолија (AA).
На прес-конференцијата пред Владата, Филипче истакна дека во последните две недели земјата регистрира значително зголемување на новите случаи со Ковид-19, особено кај возрасните групи од третата, четвртата, петтата деценија, но и шестата, и дека овој раст е забележан во главниот град Скопје, но и во другите градови низ целата земја.
Врз основа на моменталната епидемиолошка состојба, која според министерот е очекувана во земјата, регионот, но и пошироко, Филипче најави нови ограничувачки мерки за спречување на ширењето на вирусот, изразувајќи уверување дека тие ќе бидат изгласани во Парламентот во текот на оваа недела.
„На Владата на утрешната седница ќе предложиме сите економски оператори да работат до 23 часот, како и ограничување на капацитетот во јавниот превоз до 50 проценти и препорака до целата државна и јавна администрација, препорака до општините и судовите, согласно механизмот на работа, работниот процес да се одвива во смени или онлајн од дома“, изјави Филипче.
Овие ограничувачки пакети се очекува да бидат дискутирани утрешниот ден во Парламентот, од каде што треба да бидат изгласани од пратениците за да се спроведат во пракса според Законот за заштита од заразни болести, а веќе се предложени задолжителното носење на маски на јавни простори, забраната за групирање по 22 часот и ограничувањето на семејни собири.
„Ситуацијата е навистина сериозна, следен чекор би бил целосно ограничување на движењето, односно полициски час. Да собереме сили сите, да ги почитуваме мерките за да го избегнеме сето ова, заради тоа што ова е начинот на којшто ќе треба да се функционира во периодот што е пред нас“, рече Филипче.
Мерките на Комисијата за заразни болести на Северна Македонија се доставуваат пред Владата, која потоа на владина седница одлучува за доставување до Парламентот, каде што треба да се изгласаат со најмалку 61 глас.
Министерот Филипче најави дека во Законот за заштита од заразни болести е воведена уште една законска измена со која се предвидува идните ограничувачки мерки да бидат прифатени со одлука на Владата без да се оди на собраниска седница. За оваа законска измена треба 61 глас од вкупно 120 пратеници во Собранието.
- „Болничките капацитети брзо се исполнуваат“ -
Филипче соопшти дека по состанокот утринава со Комисијата за заразни болести го информирале владиниот штаб околу епидемиолошката состојба во земјата, особено за капацитетот на болниците за лекување на пациенти заразени со овој вирус.
„Што се однесува до капацитетите во болниците, тие продолжуваат да се пополнуваат. Сè уште нема сместено, иако е целосно подготвена модуларната болница до Инфективната клиника. Кадарот, интернистите коишто доаѓаат по системот на ротација, како и медицинските сестри, е подготвен“, рече Филипче, потенцирајќи дека капацитетите во одделенијата на инфективните клиники во Куманово, Струмица, Штип и Прилеп во моментов се исполнети.
Минатата недела, бројот на нови случаи на Ковид-19 во Северна Македонија значително се зголеми, достигнувајќи рекорден број на нови дијагностицирани на дневно ниво.