Bojana Stojanovic
22 Февруари 2019•Ажурирај: 23 Февруари 2019
БЕЛГРАД (AA) - Во Белград е одржана комеморација и погреб на пејачот на народната музика Шабан Шаулиќ, од кој се простија семејството, пријателите, но и многубројните естрадни уметници кои истакна дека бил сопруг, татко, дедо, пријател и брат и пејач на тагата и радоста, јавува Anadolu Agency (AA).
Комеморативниот собир е одржан во Собранието на Белград, а Шаулиќ е погребан во Алејата на заслужните граѓани во главниот град на Србија.
Претседателот на Здружението на естрадните уметници на Србија Драгиша Голубовиќ на комеморацијата рече дека Шаулиќ бил „сопруг, татко, дедо, брат и пријател".
„Беше пејач на тагата и радоста, создаде стил на вокална интерпретација толку личен што на другите ништо не им преостануваше туку да пробаат да го копираат, повеќе или помалку успешно. Беше пример на многу млади пејачи", наведе Голубовиќ.
Како што додаде, создаде песни кои станаа незаборавни хитови, а многу важни фестивали во Југославија и Србија се спомнуваат по добрите песни.
„Тој ја пренесе славата на народната песна ширум светот. По природа беше тивок и емотивен, малку повлечен и доволно мудар... Неговите очи беа огледало на неговата душа. Токму таков го паметиме сите ние и колегите од естрадата. Тешко ќе ни биде без Шабан Шаулиќ, но ќе остане неговата песна која за идните генерации и сите почитувачи на народната песна", рече Голубовиќ.
По неговиот проштале говор, со минута молк оддадена е почит на Шаулиќ, а потоа за него говореше пејачката на народни песни, Зорица Брунцлик.
„Драг мој куме, пријателе мој и мој колега. Кога во недела одекна како бомба веста, веќе ништо не беше исто. Не поверувавме, нашите луѓе тагуваат низ целиот свет, тагува регионот, Србија. Семејството е без утеха, пријателите и кумовите. А кога велам кумови, пред да кажам било што, размислувам зошто ти куме се одлучи за мене кога беше тивок и смирен, а јас сум се она што е спротивно на тоа", рече Брунцлик.
Авторот на најголемите хитови на Шаулиќ, Раде Вучковиќ, наведе дека денес тагува целиот Балкан, милиони негови фанови, а еден од нив е и тој.
„Беше моја вечна инспирација со својата солза во гласот која искрено ја пушти. Најубавите свои мелодии ги напишав за тебе. Песните ги донесуваше до совршенство, само ти го можеше тоа, затоа што ти си еден и единствен и неповторлив", изјави Вучковиќ.
Шаулиќ загина на 17 февруари во тешка сообраќајна несреќа која се случи во утринските часови на автопатот помеѓу Билефелд и Дизелдорф, а во која учествуваа два автомобили.
Шаулиќ, кој е роден во 1951 година, беше еден од најпопуларните изведувачи на народна музика на подрачјето на поранешна Југославија, а зад себе остави низа хитови. Првиот албум го издаде во 1969 година, и оттогаш неговата богата музичка кариера се движеше по нагорна линија.