Bojana Stojanovic
19 Мај 2018•Ажурирај: 20 Мај 2018
БЕЛГРАД (АА) - Турскиот кошаркарски клуб Фенербашче во првиот полуфинален дуел на завршниот турнир на Евролигата „Turkish Airlines Final four 2018“ извојува победа над литванскиот претставник Жалгирис со резултат 76:67. Во второто полуфинале, шпанскиот претставник Реал Мадрид го совлада рускиот претставник ЦСКА Москва, со резултат 92:83, јавува Anadolu Agency (AA).
Првиот натпревар во преполната белградска арена „Штарк“ започна во 18:00 часот. Со својата бројност и навивање, во текот на целиот натпревар доминираа навивачите на Фенербахче.
Првата четвртина Фенербахче ја заврши со предност 19:13.
Во продолжението од натпреварот Фенербахче ја зголеми разликата, но пред крајот на втората четвртина, Жалгирис успеа да ја намали разликата и на полувреме се замина со резултат 39:33.
Иако во еден дел од третата четвртина Жалгирис губеше со 13 поени разлика, оваа четвртина заврши со минимално водство на Фенербахче од 54:50.
Во текот на последната четвртина, Фенербахче го диктираше темпото и натпреварот заврши со победа на турскиот претставник од 76:67.
Натпреварот го судеа Даниел Хирезуело од Шпанија, Сретен Радовиќ од Хрватска и Олегс Латисевс од Летонија.
Турската екипа Фенербахче годинава по 12. пат учествува во завршните натпревари на Фајнл-фор во кошарка. Српскиот тренер Жељко Обрадовиќ успеа четири пати едноподруго да го одведе својот тим на Фајнл-фор.
Во вториот полуфинален натпревар, кој започна во 21:00 часот, се сретнаа шпанскиот претставник Реал Мадрид и рускиот претставник ЦСКА Москва.
Првата четвртина на овој натпревар ја доби рускиот претставник со резултат 30:20.
Во продолжението Реал Мадрид успеа да ја надомести негативата и на средината од втората четвртина, со тројка премина во водство од 37:36.
Во продолжението на четвртината имаше резултатски пресврти, а на полувреме се замина со минимално водство на Реал од 47:46.
Во третата четвртина Реал го продолжи своето водство и на крајот оваа четвртина заврши со резултат 63:56.
Последната четвртина Рал Мадрид успеа да ја води играта и на крај извојува победа од 92:83, пласирајќи се во финалето на Фајнл-фор во Белград.
Натпреварот го судеа Луиџи Ламоника од Италија, Роберт Лотермосер од Германија и Матеј Болтаузер од Словенија.
Финалето на Фајнл-фор меѓу екипите на Фенербахче и Реал Мадрид ќе се игра во недела на 20 мај со почеток во 20:00 часот, додека за третото место ќе се борат екипите на ЦСКА Москва и Жалгирис. Почетокот на овој натпревар е закажан за 17:00 часот.