Almir Terzic
20 Декември 2020•Ажурирај: 21 Декември 2020
МОСТАР/САРАЕВО
По повеќе од 12 години, денес се одржуваат избори за Градскиот совет на Градот Мостар, јавува Агенција Анадолија (АА).
Гласачките места се отворени во 7 часот, а локалните избори 2020 година за Градскиот совет на Градот Мостар се одржувааат и со почитување на пропишаните епидемиолошки мерки. Гласањето ќе трае до 19 часот.
Централниот избирачки список за локалните избори во Градот Мостар заклучен е на 11 ноември со состојбата на 5 ноември на полноќ, а во него се запишани 100.864 гласачи, од кои 96.797 гласачи коишто гласаат на редовните гласачки места, 48 гласачи за гласање во отсуство, 34 за гласање лично за општината од 1991 година и 3.985 гласачи за гласање преку пошта.
Ќе се гласа на 150 редовни гласачки места во Мостар, на 16 гласачки места во отсуство, на едно гласачко место за гласање на непотврдени гласачки ливчиња, а формирани се и 20 редовни мобилни тимови.
Посебните Ковид-19 мобилни тимови до денот на изборите ги именува Градската изборна комисија на Мостар и нивнот број зависи од бројот на одобрени барања за гласање преку таквите мобилни тимови.
На изборите се избираат 35 советници во Градскиот совет на Градот Мостар и тоа во градската изборна единица, која го опфаќа целото подрачје на градот, се избираат 13 советници, а во шест изборни единици на градското подрачје се избираат преостанатите 22 советници. Тоа значи дека секој гласач ќе добие по две гласачки ливчиња.
На гласачките ливчиња се наоѓаат 31 политички субјект, од кои 22 политички партии, четворица независни кандидати, четири коалиции и една листа на независни кандидати, односно вкупно 370 кандидати.
Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина (ЦИК БиХ) акредитираше вкупно 361 набљудувач за набљудување на изборите во Градот Мостар, а Градската изборна комисија на Мостар акредитираше 1.356 набљудувачи на политичките субјекти, со што изборите во Мостар ги следат вкупно 1.717 набљудувачи.
Последен пат избори за Градскиот совет на Градот Мостар одржани се во 2008 година, а од 2012 година, кога престана мандатот на тогашниот состав на Градскиот совет, Мостар е без локална законодавна власт.
Причина за тоа беше одлуката на Уставниот суд на БиХ, кој ги суспендираше спорните одредби за начинот на избор на советници во Градскиот совет на Градот Мостар бидејќи тие, во изборните единици, не ја одразуваа приближната вредност на гласот во согласност со бројот на гласачите.
Поради недостатоци на изборните правила и неопходност на измена на Статутот на Градот Мостар, граѓаните на тој град не гласаа на локалните избори во 2012 и 2016 година бидејќи политичките претставници не пронајдоа решение за тоа.
На тој начин осум години траеја договорите на политичките партии додека не се дојде до решение за Градот Мостар и тоа во 2020 година. Но и тогаш беше многу доцна за да се одржат локалните избори во Мостар кога се одржуваа и во другите делови на БиХ, со оглед дека Централната изборна комисија на БиХ веќе имаше донесено одлука за датумот на одржување на локалните избори.
Имено, локалните избори во БиХ се специфични по тоа што повторно, трет пат по ред, на нив истовремено со другите гласачи не гласаа граѓаните на Мостар.
Мостарците поради тоа на локалните избори излегуваат сами, и тоа со нешто повеќе од еден месец задоцнување, со оглед дека граѓаните во другите локални заедници во БиХ гласаа на 15 ноември.