Sinan Uslu
20 Декември 2020•Ажурирај: 21 Декември 2020
АНКАРА
Претседателот на Големото народно собрание на Турција (ТБММ), Мустафа Шентоп, заедно со парламентарна делегација, на 21 и 22 декември ќе оствари официјална посета на Република Северна Македонија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Шентоп во рамки на посетата ќе се сретне со претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев, претседателот на Собранието, Талат Џафери, и со претседателот на Уставниот суд на Северна Македонија, Салих Мурат.
Исто така, Шентоп ќе учествува и на прославата што ќе биде организирана по повод 21 Декември, Денот на наставата на турски јазик во земјата, при што ќе има и свое обраќање.
Во овие рамки, Шентоп ќе учествува на отворањето на изложбата насловена како „Историска авантура на турското стрелаштво“ организирана од страна на Институтот „Јунус Емре“ и Фондацијата „Стрелци“, а ќе го посети и Меѓународниот балкански универзитет (ИБУ) во Скопје, каде што ќе се состане со младите лица.
На последниот ден на неговата посета, односно на 22 декември, Шентоп ќе ги посети училиштата на турската Фондација „Маариф“ во земјата.
Шентоп за време на посетата ќе биде придружуван од страна на заменик-министерот за култура и туризам на Турција, Надир Алпаслан; заменик-претседателката на Парламентарната група на АК Партијата, Озлем Зенгин; претседателот на Меѓупарламентарната пријателска група на Турција - Северна Македонија и пратеник на АК Партијата од Бурса, Ахмет Килич; пратеникот на АК Партијата во Ќутахја, Исхак Газел; пратеничката на Републиканската народна партија (ЏХП) од Истанбул, Сибел Оздемир; пратеникот на Партијата на национално движење (МХП), Хасан Калјонџу, и пратеникот на Партијата ИЈИ, Јасин Озтурк.