Husameddin Gina
15 Ноември 2018•Ажурирај: 16 Ноември 2018
СКОПЈЕ (АА) – Портпаролот на Владата на Република Македонија, Миле Бошњаковски, истакна дека е подготвена обемна документација од над 400 страници за екстрадиција на поранешниот премиер на земјата, Никола Груевски, како и дека таа официјално ќе биде доставена до Унгарија во наредните денови, јавува Anadolu Agency (AA).
Владиниот портпарол ова го соопшти денеска, на редовната прес конференција, одговарајќи на новинарско прашање дали Владата на Унгарија има одговорено на барањата на Владата за екстрадиција на поранешниот премиер Никола Груевски.
Бошњаковски рече дека процесот за екстрадиција на поранешниот премиер Никола Груевски е започнат, дека документацијата ќе биде преведена соодветно и доставена до унгарските надлежни органи.
„Во документацијата, помеѓу другото ќе има и образложение зошто Никола Груевски треба да биде екстрадиран во Македонија. Се работи за обемна документација од над 400 страници, меѓутоа, без разлика на бројот на страници, ова барање ќе биде и официјално доставено до Унгарија во текот на овие денови“, рече Бошњаковски.
Тој исто така изјави дека Одделот за внатрешна контрола спроведува постапка за можна инволвираност на полициски службеници кои му помогнале на Никола Груевски.
„Во рамките на Министерството за внатрешни работи во тек е постапка за утврдување на начинот на кој осуденото лице Никола Груевски ја напуштил територијата на Република Македонија. Одделот на внатрешна контрола спроведува постапка за можна инволвираност на полициски службеници кои му помогнале, а дополнително Секторот за внатрешни работи на Скопје го утврдува начинот на бегство, како и евентуално надворешни помагатели“, нагласи портпаролот.
Министерството за надворешни работи на Република Македонија денеска соопшти дека министерот Никола Димитров телефонски разговарал со својот унгарски колега Петер Сијарто, во врска со поднесеното барање за азил до унгарските власти од страна на Груевски.
Потсетуваме, поранешниот премиер на Република Македонија, Никола Груевски, во вторникот преку својот официјален профил на социјалната мрежа Фејсбук објави дека се наоѓа во Будимпешта, каде што од унгарските власти ќе побара политички азил.
По објавата на Груевски дека е во Будимпешта, информациите ги потврди и Министерството за внатрешни работи на Република Македонија кое распиша меѓународна потерница за Груевски.
Груевски е правосилно осуден на двегодишна затворска казна во случајот „Тенк“ за набавка на луксузен мерцедес, вреден 570 илјади евра.