Fatjon Cuka
23 Февруари 2023•Ажурирај: 24 Февруари 2023
ТИРАНА (АА) - Во Албанија повторно се одржаа антивладини протести во организација на опозициската Демократска партија на Албанија (ПД) и со поддршка на други опозициски партии, јавува Анадолу.
Протестот се одржа пред Парламентот на Албанија, за време на парламентарната седница, со учество и на пратеници од опозицијата, а според организаторите, протестот се одржа за заштита на „демократијата, плурализмот и слободното гласање“.
Опозициските партии го обвинуваат премиерот на Албанија, Еди Рама, за корупција и поврзаност со поранешниот агент на ФБИ, Чарлс Мекгонигал, барајќи оставка од премиерот Рама и формирање парламентарна истражна комисија за овие тврдења.
Меѓу другото, на почетокот на протестот и седницата беа забележани неколку инциденти, откако на некои пратеници на ПД, претходно исклучени од работата на Парламентот, вработените во Албанската гарда не им дозволија да влезат во салата на пленарните седници на Парламентот на Албанија.
На протестот учествуваше и поранешниот премиер на Албанија и пратеник на ДП, Сали Бериша.
Тој на протестот нагласи дека ќе ги штитат интересите на Албанците, на нивните пријатели и партнери.
„Тука сте на протест и секој Албанец ве поддржува со срце и душа, тука сте сите оние кои сакаат земјата да има вистинска опозиција“, истакна Бериша обраќајќи им се на демонстрантите.
Во текот на месец февруари во Тирана се одржаа уште неколку антивладини протести.