Furkan Abdula
15 Мај 2021•Ажурирај: 17 Мај 2021
СКОПЈЕ (АА) - Во Северна Македонија, бројот на граѓани вакцинирани против новиот вид коронавирус (Ковид-19) надмина 200.000 лица, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Информацијата преку соопштение ја потврди Министерството за здравство на Северна Македонија.
Се истакнува дека вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата.
Според соопштеното, интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а досега бројот на лица што изразиле желба за вакцинација преку веб-платформата „vakcinacija.mk“ е 346.431.
„На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера, вакцинирани се вкупно 203.324 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 12.719 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 13.482 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 203.324 дози вакцини, а ревакцинирани се 24.851 граѓани. Со последните бројки 35% од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина“, се нагласува во соопштението.
Се додава дека вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација.
„Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб-страницата 'vakcinacija.mk', а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура. Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 СЦ 'Борис Трајковски' во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола и Охрид“, се вели во соопштението.
Министерството за здравство апелира до граѓаните масовно да се пријавуваат на „vakcinacija.mk“ бидејќи, како што се наведува, тоа е најлесниот и најбрз пат да се вакцинираат.