Admir Fazlagic
02 Мај 2017•Ажурирај: 03 Мај 2017
СКОПЈЕ (АА) - Денеска околу 17.30 часот припадник на обезбедувањето на Собранието на Република Македонија на 1 кат открил импровизирана експлозивна направа, јавува Anadolu Agency (AA).
Од Министерството за внатрешни работи во изјава за Anadolu Agency (AA) го потврдија случајот, истакнувајќи дека веќе полициска екипа е на местото на настанот.
„Внатрешно обезбедување од Собрание го пријави случајот. Во моментов во Собрание има увидна екипа, се врши увид за да може точно да се утврди за каква експлозивна направа се работи", потврдија за АА од Одделот за односи со јавноста при МВР, додавајќи дека според информациите кои ги имаат нема безбедносни закани.
Оттаму, најавија дека откако целосно ќе го расветлат случајот и ќе имаат повеќе информации, истите ќе ги соопштат на јавноста.
Потсетуваме дека вечерта на 27 април, по изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието, од страна на парламентарното мнозинство предводено од Социјалдемократскиот сојуз, во хаотична ситуација, демонстрантите симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ кои се собраа пред зградата на Парламентот, влегоа на сила во зградата. Како резултат на насилството од страна на демонстрантите кон пратениците, беа повредени околу 100 луѓе, вклучувајќи и пратеници, полицајци и претставници на медиумите.