Fatjon Cuka
08 Мај 2019•Ажурирај: 09 Мај 2019
ТИРАНА (AA) – Активистите на Движењето Самоопределување и граѓаните протестираа денес во Тирана против посетата на Албанија на претседателот на Србија Александар Вучиќ и претседавачот на Претседателството на Босна и Херцеговина (Бих), Милорад Додик, јавува Anadolu Agency (AA).
На протестот организиран од страна на Движењето Самоопределување во Албанија, дојде до тензии. Според организаторите, протестот е одржан откако „претседателот на Србија упорно одбива да прифати дека се извршени злосторства над Албанците во Косово".
Приврзаниците на Движењето Самоопределување во Албанија, најпрвин се собраа на Булеварот на Народните херои, па продолжија во правец на Плоштадот Мајка Тереза, но полициските сили тоа не го дозволија, бидејќи полицијата тврди дека протестот е незаконит.
Со национални знамиња и транспаренти „Вучиќ и Додик нон грата" и „Не се добредојдени", демонстраните се спротивставија на доаѓањето на српскиот претседател Вучиќ и Додик во Албанија, за да учествуваат на самитот на Процесот Брдо-Бриони.
Во текот на протестот имаше неколку инциденти и судири помеѓу демонстрантите и полицијата, кога активистите се обидоа да го пробијат полицискиот кордон. Во текот на судирите, полициските сили спроведоа неколку демонстранти во полициски станици.
Во меѓувреме, бројни полициски сили се ангажирани за да се избегнат инциденти во текот на протестите.
Утре, на 9 мај во Тирана се одржува самит на лидерите на Процесот Брдо-Бриони, организиран под покровителство на албанскиот претседател Илир Мета. На самитот ќе учествуваат лидерите од земјите на регионот, а целта на самитот е да се пренесе политичка порака која се однесува на тенденцијата земјите од регионот да се интегрираат во Европската унија.