Kemal Zorlak,Semir Sejfovic
27 Мај 2023•Ажурирај: 28 Мај 2023
САРАЕВО (АА) - Во босанскохерцеговскиот ентитет Федерација Босна и Херцеговина од утре, недела, 28 мај, ќе започне примената на Законот за контрола и ограничена употреба на тутун, тутунски и други производи за пушење, јавува Анадолу.
Законот стапи на сила во мај минатата година, со почеток на примена една година по неговото стапување на сила, со тоа што казните ќе почнат да се наплатуваат 12 месеци по почетокот на примената.
Во согласност со Законот, пушењето се забранува во сите затворени јавни простори, работни места и во јавниот превоз.
- Одложување на казнувањето -
Со Законот се предвидени и казнени одредби, во зависност од стореното дело, кои се движат од 2.000 КМ до 5.000 КМ за правни лица, од 300 КМ до 1.000 КМ за одговорни лица и од 500 КМ до 1.500 КМ за сопственици и корисници на просторот, односно местата каде што пушењето е забрането, додека казната за физички лица е 100 КМ. Сепак, казнувањето ќе започне дури една година подоцна.
Бидејќи во првата година ќе нема казни, туку само опомени, ќе има рок на усогласување во траење од шест месеци, што особено се однесува на институциите, фирмите и другите правни лица. Постои нејасност бидејќи уште се чекаат детални објаснувања за електронските цигари, билните и другите производи за пушење.
Во моментов очите се насочени кон Министерството за здравство на Федерацијата Босна и Херцеговина, кое треба да објави правилник за условите за посебни простории за пушење во однос на исклучоците од забраната за пушење, кој е во завршна фаза.
- Улогата на инспекциите од превентивно-корективен карактер -
Од Кантоналната управа за инспекциски работи наведуваат дека во овој момент за нив, како и сите граѓани, е познато дека пушењето е забрането во сите затворени јавни простори, работни места, во јавниот градски превоз и во возилата во кои се превезуваат малолетници лица.
„Она што е важно да се каже е дека треба да се постапи по релаксиран принцип, односно дека за сите правни субјекти, јавни институции, претпријатија, ресторани, примената на Законот, во целосна смисла на зборот, ќе започне дури по шест месеци“, изјави Вилдана Брдариќ, стручен советник за информации во Кантоналната управа.
„Кога станува збор за санкциите, нивната примена започнува една година по почетокот на примена на Законот“, додаде Брдариќ.
Законот предвидува сопствениците на угостителски објекти (ресторани, кафулиња и сл.) да го истакнуваат знакот „забрането пушење“ на видливи места, а во објектот не смее да бидат изложени пепелници и други садови за пепел.
Пушењето ќе биде дозволено во посебни простори за сместување гости пушачи.
- Граѓаните го поддржуваат Законот -
Екипата на Анадолу ги праша и граѓаните што мислат за овој Закон, а за што сите се согласуваат е дека е корисен во контекст на неговата примарна цел, а тоа е заштита и подобрување на здравјето на населението.
„Искрено се согласувам со тој Закон, со оглед на тоа дека сум непушач. Иако мислам дека тоа може е и преголем залак за нашата држава бидејќи имаме премногу пушачи, а премалку луѓе што ќе го регулираат тоа“, рече граѓанинот Владан Божовиќ.
Од Министерството истакнуваат дека Законот не забранува, туку ја ограничува употребата на тутунот, со цел заштита и унапредување на јавното здравје, како и создавање поздрава средина што промовира здрав избор, имајќи предвид дека причина за три четвртини од сите смртни случаи во Федерацијата БиХ се болести за кои еден од фактор-ризиците е пушењето.