Zylfije Adem Jakupi
27 Мај 2023•Ажурирај: 29 Мај 2023
ПРИШТИНА (АА) - „Српска листа“ денес соопшти дека бара од претседателот на Србија, Александар Вучиќ, да го прекине дијалогот додека од северот на Косово не се повлечат „фиктивните градоначалници на Курти“, јавува Анадолу.
Претседателот на „Српска листа“, Горан Ракиќ, на денешната прес-конференција во Северна Митровица изјави дека српскиот народ е загрижен поради насилниот упад на специјалните сили на косовската полиција во општините Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток.
„Упатуваме молба, апел, барање до нашиот претседател Вучиќ и целото државно раководство веднаш да го суспендира секое натамошно учество на Белград во дијалогот со Приштина. Сметаме дека секој понатамошен разговор со Приштина во постојните околности не само што е нелогичен туку и контрапродуктивен“, истакна Ракиќ.
Тој рече дека продолжувањето на разговорите со „режимот на Курти, по вчерашниот терор, ќе му прати порака дека таквата постапка е исплатлива“.
Претседателот на „Српска листа“ го критикуваше и КФОР кој, како што рече, не реагирал. Ракиќ додаде дека денес ќе стапи во контакт со командантот на КФОР и ќе побара од него вработените што работеле во општините да се вратат на своите работни места, а оние што упаднале со специјални единици во општината да ја напуштат зградата.
Мировните трупи на НАТО на Косово, КФОР, синоќа остро ги осудија едностраните акти на насилно влегување на новоизбраните косовски градоначалници во општинските згради на северот на Косово и ги повикаа сите страни да се воздржат од насилство што може да ја загрози безбедноста на Косово.
КФОР порача дека координацијата меѓу сите актери е од суштинско значење за да се избегне натамошна ескалација.
Специјалните единици на Полицијата на Косово вчера влегоа во зградите на општините Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ за да им овозможат на новоизбраните градоначалници да влезат во општинските објекти.
При спроведувањето на акцијата на влез во зградата на локалната самоуправа во Звечан, припадниците на полицијата се судрија со демонстранти од српска националност што сакаа да го спречат нивниот влез. Полицијата употреби солзавец за да ги растера.
Соединетите Американски Држави и Европската Унија ја осудија акцијата на косовските институции насилно да влезат во зградата на општината и го повикаа премиерот Албин Курти веднаш да ги прекине овие насилни мерки и повторно да се фокусира на дијалогот што го води ЕУ.
Поради бојкотот на српската заедница, излезноста на гласачите на вонредните локални избори што се одржаа на 23 април беше мала и изнесуваше 3,47 отсто.
Изборите се распишани откако Србите ги напуштија сите косовски институции на северот на Косово поради одлуката на Владата на Косово за задолжителна пререгистрација на возилата од старите српски (КМ) на легалните РКС таблички. Таа одлука подоцна беше одложена, но „Српска листа“ не се врати во институциите и своето враќање го условува со формирање Заедница на општини со српско мнозинство на Косово и со повлекување на специјалните единици на косовската полиција.