Bekim Buci
07 Октомври 2024•Ажурирај: 08 Октомври 2024
СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Србија, Милош Вучевиќ, денес ја посети Северна Македонија каде што беше примен од неговиот македонски колега Христијан Мицкоски, јавува Анадолу.
На средбата меѓу двајцата премиери и владините делегации беше потпишан Меморандум за соработка во областа на енергетиката, рударството и минералните суровини.
Српскиот премиер Вучевиќ на прес-конференцијата рече дека на средбата со премиерот Мицкоски доминирала енергетиката.
„Енергетиката доминираше на нашиот состанок. Mакедонскиот премиер, како и ние, е загрижен за енергетската независност. Треба да го синхронизираме целиот Балкан, нѐ чека многу работа. Ние веруваме во заедничка европска иднина за целиот регион. Ние веруваме во заедничка европска судбина за целиот регион на Западен Балкан“, рече премиерот на Србија и додаде дека тој и Мицкоски денес отвориле многу теми, но дека доминирала темата енергетика.
Според него, клучот за Србија е изградбата на интерконектор и нова маршрута за снабдување на Србија со природен гас преку Северна Македонија. Тој понатаму рече дека неговата земја верува во заедничка европска иднина.
„Република Србија верува во заедничка европска иднина на целиот регион. Ѝ даваме целосна поддршка на Северна Македонија на европскиот пат и цениме дека Европската Унија дефинитивно требаше порано да ѝ даде шанса на Северна Македонија во нејзиниот напредок на европскиот пат. Ние веруваме во заедничка европска судбина“, нагласи Вучевиќ.
- „Одлуката на Владата на Северна Македонија за Коридорот 10 е важна за нас“ -
Двајцата премиери разговараа и за брзата железница од Коридорот 10, која е стратегиски приоритет како Коридорот 8.
„За нас е важна одлуката на Владата на Северна Македонија за Коридорот 10, како стратегиска насока за железничкиот транспорт, што е единствена можност да се поврземе заедно со европските партнери од Виена до Атина, а полесно ќе се поврземе и со грчките пристаништа. Ова е природна маршрута меѓу Азија и Европа, а таа ќе минува низ Северна Македонија и Србија, што ќе овозможи подобар превоз на патници и стока“, изјави српскиот премиер Вучевиќ.
Тој рече дека Северна Македонија е пријателска соседна земја на Србија и му понуди на својот македонски колега почесто да одржуваат заеднички владини седници, а предложи следната заедничка владина седница да се одржи до крајот на годинава во Србија.