Kristina Maslareviç
29 декември 2015•Ажурирај: 30 декември 2015
БЕЛГРАД (АА) - Во рамките на официјалната дводневна посета на Србија, премиерот на Република Турција Ахмет Давутоглу, денес се состана и со претседателот на Србија, Томислав Николиќ, јавува Anadolu Agency (AA).
Состанокот, кој траеше околу еден час, беше затворен за јавноста.
Премиерот на Турција Ахмет Давутоглу, допатува вчера во Белград, и се сретна со премиерот на Србија, Александар Вучиќ.
Исто така, двајцата премиери имаа и заеднички состанок со министрите кои беа дел од двете делегации.
По состанокот, потпишани се три договори за соработка и тоа за донација на вакцини од страна на Турција на Министерството за здравство на Србија, договор за соработка на ТИКА и Универзитетот во Белград како и за реконструкција на тврдината Рам, во близина на Пожаревац.
Со Давутоглу, во Србија допатуваа и стопанственици од Турција, кои учествуваа во Српско-турскиот бизнис-форум. На карајот од Форумот, потпишан е Договор за соработка помеѓу стопанските комори на двете земји, а на потпишувањето присуствуваа премиерот Вучиќ и премиерот Давутоглу.
Премиерот Ахмет Давутоглу во текот на вчерашниот ден го посети Народното Собрание на Србија каде се сретна со претседателот на Собранието Маја Гојковиќ, а официјално го отвори и турскиот културен центар "Јунус Емре" во Белград.
Во ексклузивното интервју за јавниот сервис на Србија, РТС, Давутоглу рече дека Турција го поддржува дијалогот помеѓу Белград и Приштина, кој е еден од факторите за ублажување на напнатоста во регионот, како и фактор кој ја отвара вратата на Србија на патот кон ЕУ.
Наведувајќи дека Србите живеат во пет, шест различни земји, Давутоглу истакна дека поради таа причина Србија е еден од главните стратешки партнери за регионалниот мир и стабилност и додаде: "Србија може да ги предводи процесите. Соработката помеѓу Србија и Турција, на симболичен и дипломатски начин, е вистинска порака кон сите на Балканот дека иднината на Балканот ќе биде помирна и попросперитетна".
Како што беше планирано, Давутоглу заедно со Вучиќ требаше денес да допатува во посета на Нови Пазар, каде што имаше закажан состанок со претседателот на општината и претставниците на општинскиот совет, на кој требаше да им се придружи и претседавачот на Советот на министри на БиХ, Денис Звиздиќ.
Поради лошите временски услови, патувањето на Вучиќ и Давутоглу во Нови Пазар е откажано.
Премиерот на Турција, Ахмет Давутоглу, денес, во првите попладневни часови, отпатува за Анкара.