Bojana Stojanovic
21 Август 2018•Ажурирај: 22 Август 2018
БЕЛГРАД (АА) - Србија го разгледува враќањето на задолжителниот воен рок за мажи, за две до три години, со цел да може превентивно да дејствува во однос на секој кој ќе се обиде да ја загрози нејзината безбедност, изјави денеска претседателот на Србија, Александар Вучиќ, јавува Anadolu AGency (AA).
Како што изјави на аеродромот во Батајница, тоа ќе зависи од финаниските можности.
„Сè уште размислуваме, нема ништо да ветувам по тоа прашање“, рече Вучиќ, и додаде дека тоа би можело да се организира од 2020 или од 2021 година.
„Во план е воениот рок да трае од три до шест месеци, а лицата кои ќе го отслужат воениот рок, би имале предност при вработувањето во државните и јавните служби“, наведе тој.
По приемот на двата авиона MIG 29, кои Србија ги купи од Русија, Вучиќ пред новинарите изјави дека најмалку осум авиони MIG 29 ќе бидат во воздух на воената парада во ноември.
„Мој предлог и моја желба, и се надевам дека Војската на Србија ќе прифати, овие наши авиони кои ги гледате денес, да ги носат имињата на нашите јунаци кои ја бранеа Србија во времето на бомбардирањата на НАТО“, рече Вучиќ.
Српскиот претседател најави дека за само десет дена Србија ќе има шест такви авиони, а за два месеца, девет.
Запрашан дали претседателот Владимир Путин ќе дојде на воената парада во Србија во ноември, Вучиќ истакна дека тој очекува и дека се подготвува за тоа Путин да дојде, и дека се надева дека со него ќе се сретне и пред тоа.
На прашањето дали е осамен по прашањето за Косово, Вучиќ одговори дека не се грижи за тоа колкава поддршка има, бидејќи сериозните државници не се раководат според тоа колку луѓе ќе ги следат, туку колку ќе направат за својот народ.