Gorana Jakovljevic
18 Јануари 2017•Ажурирај: 19 Јануари 2017
БАЊА ЛУКА (AA) - Милорад Додик, претседателот на Република Српска (РС), денеска изјави дека бара од Игор Црнадак, министерот за надворешни работи на БиХ, да ја прогласи за непожелна Морин Корнак, амбасадорката на САД во БиХ, а ако не дојде до тоа, од БиХ да ја повлече новата администрација на САД и да ја гони кривично, јавува Anadolu Agency (AA).
По повод одлуката на адимистрацијата на САД што е во заминување да се воведат санкции против него, Додик во Бања Лука истакна дека е важно што тоа не се санкции кон РС.
„Се чувствувам гордо и ова не го доживувам како казна бидејќи ова е доказ дека не сум бил подготвен да тргувам со интересите на РС ниту во еден момент кога тоа го очекувале од мене разни амбасадори, а особено амбасадорката во заминување, Кормак“, рече Додик.
Според неговите зборови, одлуката е депласирана, бидејќи, како што рече, оние што ја донеле знаат совршено дека тој нема никаков имот, ниту сметка во САД, и по тој основ немаат што да блокираат. Додик истакна дека нема имот во странство освен во Србија, но дека Србија не ја доживува како странска земја.
„Под санкции сум веќе подолго време. Ова е само објавено во овој момент. Горд сум на тоа што не бев подготвен, под силни притисоци од администрацијата во заминување на САД, да прифатам да ја предадам полицијата на РС. Горд сум што го одбив бутмирскиот процес, кој беше нов устав на БиХ, кој требаше речиси да ја укине РС. Горд сум што не бев согласен да се измени Уставот на БиХ како што бараше американската администрација во заминување“, рече Додик.
Тој додаде дека е горд што не дозволил да се укине Денот на РС и најави дека овој датум ќе се слави и во иднина. Политиката на администрацијата во заминување во БиХ, предводена од амбасадорката Кормак, ја нарече тендециозно пробошњачка, проунитаристичка и исклучително антисрпска политика, против РС“.
Додик нагласи дека ова не се санкции на САД, туку на оние што се поразени на изборите во САД. Тој вели дека не е изненаден од овој потег, а смета дека за тоа придонела поканата на инаугурацијата на новиот претседател на САД.
„Таквиот кукавичлак и потег на очајниците личат на политиката на оние што политиката ја сфаќаат како политика на силата, а не на правдата и на меѓународното право“, рече Додик.
Според неговите зборови, од најуспешниот американски надворешнополитички проект од Втората светска војка, „како што нарекуваше администрацијата во заминување и исфрустрираните ликови како што е Кормак и Хојт, го искреираа монструмот неспособен да преживее, а тоа е секако БиХ“.
Додик додаде дека амбасароката на САД во БиХ лажно го известувала Стејт департментот за состојбата во БиХ, и истакна дека Кормак е докажан непријател на Србите и на РС, како и дека таа е непожелна личност во РС“.
„Барам од Игор Црнадак, министерот за надворешни работи на РС, да ја прогласи за персона нон грата во БиХ. Очекувам новата власт на САД итно да ја повлече и кривично да ја гони поради извршените кривични дела, како што се мешање во внатрешната политика на земјите, го кршеше меѓународното право и Дејтонскиот мировен договор, го кршеше Уставот на БиХ мешајќи се во одлуките и работата на органите во БиХ, лажно го информираше Стејт департментот, а високиот претставник го претвори во свој полтрон“, рече Додик и додаде дека има доверба во новата администрација.
Додик рече дека ја прифаќа БиХ во склад со Дејтонскиот мировен договор, но дека ќе продолжи да се бори против „монструмот БиХ, каква што тие ја направиле“.
Амбасадата на САД во Сараево утрово потврди дека американските власти му воведоа санкции на Милорад Додик, претседател на Република Српска, поради непочитување на Уставниот суд на БиХ.
„Канцеларијата за контрола на имот на странците под Министерството за трезор, во консултации со Стејт департментот, официјално го дефинираше статусот на Милорад Додик, претседател на Република Српска, во склад со извршната уредба (Е.О) 12204, која на 28. мај 2003 година ја потпиша претседателот Џорџ В. Буш. Е.О. 13304, меѓу останатото, одобрува санкции против лица за кои е утврдено дека активно го попречувале или претстауваат значителна опасност во врска со активното попречување на спроведувањето на Дејтонскиот договор“, се наведува во извештајот.