Mustafa Melih Ahıshalı
17 Јануари 2016•Ажурирај: 18 Јануари 2016
ТЕХЕРАН (АА) - Иранскиот претседател Хасан Роухани изјави дека укинувањето на економските санкции кон Иран мора да се искористи како можност за економски развој на таа земја и воспоставување на безбедноста во регионот, јавува Anadolu Agency (AA).
Роухани на денешната седница на иранското Собрание го предаде нацрт-буџетот на Иран за 2016 година. Во обраќањето на пратениците се осврна и на позитивниот извештај на Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA). Извештајот потврди дека Иран се придржува кон Договорот за нуклеарното прашање со кој се создадени услови за симнување на санкциите кои претходно ги воведе меѓународната заедница кон Техеран.
"Почетокот на имплементација на Договорот за нуклеарното прашање носи позитивна атмосфера и нови можности. Мораме да ја искористиме таа атмосфера и можност за развој на државата, спокојот на народот и воспоставување на безбедност и стабилност во регионот", порача Роухани.
Нагласувајќи дека нуклеарниот договор ја отворил вратата за нова соработка на Иран со светот, Роухани рече и дека целта на иранските власти по укинувањето на санкциите е да привлечат што поголем странски капитал, да го зголемат извозот на стока и најдобро да ја искористат заработката од нафтата и гасот.
По обраќањето на пратениците, Роухани на претседателот на Собранието му го предаде иранскиот нацрт-буџет за 2016 година кој изнесува скоро 265 милијарди американски долари.
IAEA потврди дека иранската страна ги испочитува потребните мерки од нуклеарниот договор постигнат во јули минатата година, со што вчера и официјално започна неговата имплементација.
Високата комесарка на Европската унија за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини потоа соопшти дека се укинати економските и финансиски санкции кон Техеран. Истото го соопшти и државниот секретар на САД, Џон Кери, кој наведе дека САД ги укинале санкциите кон Иран.