БЕЛГРАД (АА) - Турскиот претседател Ердоган денеска на Бизнис форумот Турција-Србија во Белград, истакна дека Турција сака Балканот да се спомнува со надеж за посветла иднина со интеграција, мир и заеднички интереси, и додаде дека не сакаат поделби и разделувањa на Балканот, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ние не сакаме поделби и разделувањa на Балканот. Исто така, сакам да потенцирам дека сме против тоа, некој да ги смета овие земји како нивен последен двор“ , изјави Ердоган кој во Србија престојува во дводнева посета.
Претседателот Ердоган истакна дека се чувствува среќен што ја посетува Србија како претседател, земја која тој претходно ја посетил пред седум години, како премиер.
Тој упати благодарност до неговиот колега Александар Вучиќ за гостопримството. Турскиот претседател рече дека постои меѓусебна волја за унапредување на билатералните односи со Србија, која Ердоган ја опиша како пријателска и клучна земја за мирот и стабилноста на Балканот. Истакнувајќи дека оваа посета е доказ за важноста која ја придаваат на односите со Србија, Ердоган рече дека присуството на вкупно 200 турски бизнисмени, и вкупно 700 во оваа сала, е показател на волјата за унапредување на односите меѓу двете земји.
„Турција е земја која често е соочена со сериозни испитувања, како поради регионот во кој се наоѓа, така и поради внатрешната динамика. Најдобриот пример за ова е ноќта на 15 јули. Ние успеавме со големата храброст и жртвување на нашиот народ да го поразиме овој напад против нашата слобода и иднина, кој беше најкрвавиот напад во нашата историја", истакна Ердоган.
„Турција го остави зад себе ризикот од обидот за државен удар со којшто се соочи, и уште еднаш му покажа на светот дека нејзината економија е поставена на цврсти темели“ додаде тој.
Ердоган истакна дека во изминатите 15 години, Турција е една приказна за успех во економијата, која само во периодот од 2011 до 2015 година постигнала економски раст од 7,1 отсто, и 5,1 отсто во првата половина на оваа година, чекорејќи го патот на нејзините цели. „Фактички, промените кои се случија во економијата на Турција во последните 15 години се приказна за успех“, посочи турскиот претседател.
Претседателот Ердоган се осврна и на успесите на Турција, и рече дека во последните 15 години Турција петкратно го зголеми нејзиниот извоз, потсетувајќи дека тој достигнал 153 милијарди долари.
Ердоган додаде дека во рамките на целите за 2023 година, имаат намера оваа бројка да ја зголемат на 500 милијарди долари и дека имаат за цел Турција да биде една од десетте најголеми економии во светот.
„Нашите големи проекти и инвестиции ги продолжуваме со одлучност, без да дозволиме внатрешни и надворешни турбуленции“, рече Ердоган. Тој се осврна и на реализираните проекти, како мостот Османгази на Мраморното Море, мостот Јавуз Султан Селим на Босфорот и Евроазискиот тунел, како и проектите кои се очекуваат да завршат во иднина, како што е мостот на Чанаккале 1915, и третиот аеродром во Истанбул, чија последната фаза се очекува да заврши во 2023 година, со што е предвидено да се постигне капацитет од 150 до 200 милиони патници.
Турскиот претседател, Ердоган, истакна дека кон крајот на оваа година, или на почетокот на 2018 година ќе се постави камен темелник на Канал Истанбул, кој ќе биде паралелен со Босфорот.
„Пред се, да се отвори еден нов канал, паралелно со Босфорот во Истанбул, тоа што го викаме Канал Истанбул е еден мој сон. Се надеваме дека кон крајот на годината или почетокот на 2018 година ќе ги поставиме темелите на тој канал,“ нагласи Ердоган.
Вучиќ: Во Србија е намалена невработеноста благодарејќи на турските инвеститори

Претседателот на Република Србија Александар Вучиќ, денеска во Белград порача дека турските инвеститори кои вложуваат во Србија, во голема мерка придонесоа за падот на невработеноста во оваа земја.
Вучиќ, кој денес во Велград го угости претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ерсоган, им се обрати на учесниците на Бизнис форумот Србија-Турција, а се работи за собир во рамките на кој денеска разговараа 700 бизнисмени од Србија и Турција. Форумот го организираа Стопанската комора на Србија, Одбор за економски односи со странство на Република Турција и Халкбанк Србија.
Претседателот на Србија во своето обраќање се осврна и на можностите и условите кои Србија им ги пружа на инвеститорите од Турција, и порача: „Почитувани турски инвеститори, кој и да ви понуди подобри услови од Србија од окружувањето, дојдете кај нас и ние ќе ги поправиме нашите услови и ќе имате пет отсто подобри услови отколку било каде во опкружувањето. Тоа ви го гарантираме Владата на Србија и јас."
Како што е истакнато, целта на Србија е да има што повеќе турски инвеститори и што подобро да соработува со Турција во оваа област. Потсети дека турските инвеститори значително придонесоа и кога станува збор за пад на стапката на невработеност во Србија.
„Нашето ниво на невработеноста беше 26 отсто, а денеска падна на 11,8 отсто. Сакам да кажам, посебно во сиромашните краеви, благодарејќи на турските компании и благодарејќи на ангажманот и добрата волја на претседателот Ердоган да ги упати турските компании да работат во Србија", рече Вучиќ и додаде:
„Им благодарам (на турските инвеститори) на тоа што не им е тешко да отидат во најодалечените места во Србија. Тоа највеќе ни значи. Никој друг, освен Турците, не сака да отиде во Крупањ, во Лебан, во Житораѓе, во Владичин Хан. Затоа сме им бескрајно благодарни. На тие места, вие им го донесовте спасот, на тие мали места во Србија. Таму отворивте фабрики и тие места можат да живеат."
Во оваа прилика му се заблагодари на потпретседателот на Владата на Србија и министерот Расим Љајиќ, за кој, како што рече, дека се борел за што подобри односи со Турција и благодарејќи на кој, Србија и Турција денеска имаат многу добри, можеби и најдобри односи во современата политичка историја. Вучиќ своето обраќање го заврши со зборовите:
„Сакам на Вас, Турците, да ви кажам една работа. Знам дека во вашата земја, како и секаде низ светот, има и такви коишто ќе речат нешто против вашиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Јас тука примив многу претседатели, многу премиери. Сеуште никого не сретнав, кој направил вака тежок распоред за себе. Кој покажува толку енергија и толку сила, да работи 24 часа, како што е Вашиот претседател. Ви го кажувам ова вам, за да знаете да го почитувате тоа."