БЕЛГРАД (АА) - Србија ја чувствува Турција како пријател. Ние сме пријателска земја и на турскиот народ и на турската држава. Така се однесувавме, а така и ќе се однесуваме, порача српскиот претседател, Александар Вучиќ, денес во Белград, по состанокот со турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, јавува Anadolu Agency (AA).
Вучиќ, денес, во Палатата на Србија со највисоки државни почести го пречека турскиот претседател Ердоган, кому ова му е прва посета на Србија во својство на претседател на Република Турција. По состанокот зад затворени врати, беше одржана прес-конференција.
Вучиќ изрази задоволство од денешните потпишани договори меѓу Србија и Турција, и додаде дека се надева оти двете земји во иднина ќе имаат уште подобри односи.
„Ние потпишавме 12 договори, иако очекувавме 10, договоривме уште два и потпишавме 12 договори. Утре во Нови Пазар ќе потпишеме уште четири. Станува збор за многу конкретни договори важни за Република Србија“, нагласи Вучиќ.
- Србија ја чувствува Турција како пријател -
Пред да се осврне на содржината на овие договори, Вучиќ нагласи дека Србија ја чувствува Турција како пријател.
„Ние сме пријателска земја и на турскиот народ и на турската држава. Така се однесувавме, а така и ќе се однесуваме“, рече Вучиќ и додаде:
„Во моментот кога беше обидот за пуч и воен удар во Турција, официјалните органи на Република Србија го осудија тој обид на највисока форма на терористичко делување и се ставија на страната на легално и легитимно избраните органи на Турција и нејзиниот претседател Ердоган“.
Тој нагласи дека тоа Србија не го сторила затоа што ѝ било потребно нешто, туку затоа што граѓаните само со своја волја имаат право и обврска да ја изберат својата иднина, а не преку насилство и со поддршка на некој странски фактор.
„Во Србија никогаш нема да има од оние кои ќе прават пактови со противниците на легално и демократски избраните органи во Турција. Ние нашата соработка ја засноваме на соработката со оние што турскиот ги избра на легален начин“, рече Вучиќ, и нагласи дека Србија нема никаква соработка ниту со следбениците на Ѓулен, ниту со кој било друг. Како што рече, Србија во тој контекст сака да има чисти односи и чисти раце во односите.
Вучиќ му се заблагодари на Ердоган за фактот што турските инвеститори инвестираа во малите градови во Србија. Тој го спомена местото Крупањ, во западна Србија, кое беше погодено во катастрофалните поплави во 2014 година. Како што нагласи, таму е згасната единствената фабрика, но благодарение на турските инвеститори таа повторно ќе биде пуштена во функција и луѓето ќе добијат работа. Тој им се заблагодари и за вложувањата на турските претприемачи во Лесковац, Ниш, Алексинац, Лебане, Владичин Хан и во Краљево, каде што ќе бидат вработени 2.500 лица.
- Целта за следната година е трговска размена од една милијарда долари -
Говорејќи за ревизијата на Договорот за слободна трговија, Вучиќ истакна дека многу ќе значи директното зголемување на извозот, прехранбените и земјоделските производи на Република Србија.
„Нашата трговска размена е на ниво од 870 милиони долари, јас сум многу задоволен што претседателот Ердоган денес рече дека очекува веќе наредната година да достигнеме една милијарда“, рече Вучиќ.
Тој нагласи дека договорот дополнително ќе го поттикне развојот на економијата, но и дополнително ќе ја отвори Србија кон Турција. За време на разговорите станало збор и за соработката во областа на енергетиката, снабдувањето со гас, инфраструктурните проекти и проектите за автопатот Белград-Сараево, Нови Пазар-Тутин-Сеница.
Вучиќ додаде дека Турците се туристи број еден во Србија и дека нивниот број во 2016 година е зголемен за 30 отсто, а за исто толку и во 2017 година.
- Србија сака да изгради односи со Турција
Исто така, рече дека со Ердоган разговарал за регионални прашања, конкретно за Босна и Херцеговина.
„Согласни сме дека регионалната стабилност и мирот се нешто што е највеќе од наш интерес. Посебно разговаравме за Босна и Херцеговина. Јас го повторив ставот на Србија за неопходноста на почитување на територијалниот интегритет на БиХ, како и интегритетот на Република Српска во рамките на БиХ. Разговаравме за нашата заедничка цел да воспоставиме најдобри можни односи и да градиме добри односи со Бошњаците. Верувам дека во таа смисла ќе ја имаме поддршката и од турската страна”, рече Вучиќ и заклучи:
„Мораме да градиме мостови на соработка и пријателство. Затоа ни е важно да обезбедиме мир, стабилност и добри односи помеѓу Србите и Бошњаците во Нови Пазар, Тутин, Сјеница, Пријепоље, Прибој, Нова Варош, во секое друго место. Утре ќе говориме за тоа. Нема таму (Нови Пазар) да бидат само Бошњаци, таму ќе бидат и Срби кои ќе го поздрават претседателот Ердоган. Затоа што ова не е 1389 година, како што некои замислуваат. Ние сме денеска во 2017 година и сакаме да имаме најдобри можни односи со Турција. Ќе ги напавиме, тоа е во интерес на Турција, но и во голем интерес на Србија.”
Вучиќ и Ердоган денеска присуствуват и на Бизнис форумот Србија-Турција а по форумот планирано е заедно да посетат некои од знаменитостите на главниот град на Србија. Другиот ден од посетата на Србија, во придружба на Вучиќ, Ердоган ќе престојува во Нови Пазар. Во таа прилика планиран е заеднички состанок на Ердоган и Вучиќ со градоначалниците и началниците на општините Нови Пазар, Рашка, Краљево, Сјеница, Тутин, Пријепоље, Нова Варош и Прибој.
Во рамките на посетата, ќе биде извршена и церемонијата на потпишување на протоколот помеѓу Градот Нови Пазар и општината Рашка со Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) а потоа, претседателите на Србија и Турција ќе прошетаат низ Нови Пазар и ќе разговарааат со граѓаните.
Во Белград со претседателот Ердоган престојува неговата сопруга Емине Ердоган, како и начелник на Генералштабот на Вооружените сили, генералот Хулуси Акар, заменик премиерот Фикри Ишик, министерот за надворешни работи на Турција Мевлут Чавушоглу, министерот за енергетика и природни ресурси Берат Албајрак, министерот за ЕУ и главен преговарач Омер Челик, министерот за животна средина и урбанизам Мехмет Озхасеки, министерот за економија Нихат Зејбекчи, министерот за земјоделство и сточарство на Турција Ахмет Есреф Факибаба, министерот за шумарство и водостопанство Вејсел Ероглу и министерот за трговија, поморство и комуникации Ахмет Арслан.