Admir Fazlagic
21 Декември 2017•Ажурирај: 22 Декември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, го прими потпретседателот на Владата на Република Турција, Хакан Чавушоглу, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што соопштија од кабинетот на претседателот Иванов, двајцата соговорници изразиле задоволство од политичките односи меѓу двете земји, кои ги карактеризира традиционално пријателство и партнерство и исклучителна динамика на активности во сферите од заеднички интерес.
На средбата беа разменети мислења и информации за внатрешните политички прашања на двете земји, за состојбите во регионот, како и за прашањата од надворешно политички интерес за Република Македонија и Република Турција.
Се соопштува дека во однос на стратешките цели и приоритети, претседателот Иванов истакнал дека Република Македонија ја цени долгогодишната и приципиелна поддршка од Република Турција за интеграцијата на Република Македонија во ЕУ и во НАТО, и укажал дека деблокадата на интегративните процеси ќе се одрази на стабилноста и просперитетот на целиот регион.
Потпретседателот на турската Влада, Чавушоглу истакнал дека Република Турција и понатаму ќе биде доследна на поддршката на европските и евроатлантските интеграции на Република Македонија.
„Во контекст на пошироките предизвици, со кои се соочува регионот и Европа, македонскиот претседател и потпретстедателот Чавушоглу се согласиле за потребата од поголема соработка меѓу безбедносните служби на Република Македонија и Република Турција", се вели во соопштението од кабинетот на претседателот Иванов.
Во таа насока, како што се соопштува, претседателот Иванов посочил на потребата од размена на информации меѓу полициските служби и службите за разузнавање, преземање на заеднички акции, како и изнаоѓање на ефективни средства и методи за превенција и борба против ширење на насилен екстремизам и тероризам.
Меѓу другото, во соопштението се наведува и дека двајцата соговорници ја поздравијле економската соработка, со очекување за нејзино натамошно интензивирање.
„Претседателот Иванов изрази благодарност до турските институции, пред се до ТИКА, за голем број реализирани проекти во Македонија од хуманитарен карактер и за нивната континуирана поддршка преку донации", се вели во соопштението.
На средбата беа разменети и мислења околу можностите за продлабочување на соработката во сферата на туризмот и образованието, при што беше поздравено финализирањето на правните процедури за целосно спроведување на Спогодбата за активностите на културните центри во двете земји, информираат од кабинетот на претседателот Иванов.
Претходно денеска, заменик претседателот на Владата на Република Турција Хакан Чавушоглу беше примен од страна на претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, а се состана и со министерот без ресор во Владата на Република Македонија задолжен за странски инвестиции, Аднан Ќахил.