Zülfiya Yakup
06 Ноември 2018•Ажурирај: 06 Ноември 2018
ПРИШТИНА (AA) - Австрискиот канцелар Себастијан Курц денес во Приштина изјави дека Австрија и ЕУ поддржуваат секаков договор кој ќе го постигнат Косово и Србија, па и договор за корекција на границите, јавува Anadolu Agency (AA).
Канцеларот Курц, по состанокот со претседателот на Косово Хашим Тачи, на конференција за новинари, рече дека Австрија сака сите земји од Западен Балкан да имаат европска перспектива, но според него за такво нешто е потребен успешен дијалог и успешен завршеток на дијалогот помеѓу Косово и Србија.
„Му се заблагодарувам на претседателот Вучиќ и на вас (Тачи), на заложбите за постигнување договор и ги повикувам граѓаните да ве поддржат во тоа. Верувам дека ќе дојдеме до позитивен заклучок", рече Курц.

Канцеларот Курц истакна дека Владата на Австрија поддржува било каков договор кој ќе го постигнат Косово и Србија, па и корекција на границата.
„Во врска со размена на територии нашиот став е јасен. Ние се согласуваме со било кој договор кој ќе го постигнат Косово и Србија и убедени сме дека доколку се успее во постигнување договор никој нема да биде против договорот и затоа, еден таков договор, ќе ја има нашата поддршка. Сметам дека е ист ставот и во ЕУ, било каков договор, ако е и корекција на границите или размена на територии, дека тоа ќе биде поддржано од Европската унија", рече Курц.
Австрискиот канцелар нагласи дека без мировен договор помеѓу Приштина и Белград нема приближување кон ЕУ, бидејќи тоа е единствениот пат минатото да се остави назад и да се тргне кон попозитивна иднина.
Курц истакна дека што се однесува до идејата за формирање на Војската на Косово е скептичен и дека е потребен дијалог со сите меѓународни партнери, бидејќи е потребно да се биде многу внимателен и очекува во регионот да се преземат мерки кои водат кон стабилизација, а не кон дестабилизација на регионот. Во врска со либерализација на визите рече дека уште многу држави се скептични, иако одлуката на Европската комисија и Европскиот парламент била позитивна, па тука треба да се биде внимателен во очекувањата и во однос на времето.
Курц рече и дека неговата земја е еден од најголемите инвеститори во Косово и еден од поважните стратешки партнери на оваа држава и потсети дека Австрија има најголем број мировни војници на Косово.
Тачи истакна дека во Косово мора да работи на завршување на внатрешните реформи и на постигнување мировен договор со Србија, кој би подразбирал признавање од двете земји.
„Што се однесува до евентуален договор на Косово и Србија морам да кажам дека дијалогот мора да се продолжи и важно е што целиот политички спектар на Косово е за дијалог, за заемно признавање Косово-Србија и Косово на крајот од тој процес да се зачлени во Обединетите нации. Тој процес да се заврши со мировен договор со поддршка на ЕУ и САД. Без мировен договор и признавање од двете страни, ниту Косово, ниту Србија нема да имаат сигурна европска иднина", рече Тачи.
Косовскиот претседател му се заблагодари на канцеларот Курц на поддршката на Австрија за Косово, како во процесот на зачленување во меѓународните организации, така и за визна либерализација и рече дека верува оти неговата посета на Косово и Србија ќе биде нов импулс во постигнување на мировен договор.