Bojana Stojanovic
04 Март 2021•Ажурирај: 04 Март 2021
БЕЛГРАД
Државите членки на Европската унија (ЕУ) очекуваат дијалогот за сеопфатна нормализација на односите на Србија и Косово да биде продолжен конструктивно, бидејќи статусот кво не е одржлив, изјави специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина и другите регионални прашања на Западен Балкан, Мирослав Лајчак, во Белград, јавува Агенција Анадолија (АА).
На заедничката конференција за новинарите со претседателот на Србија Александар Вучиќ, Лајчак рече дека посетата на регионот ја почна во понеделник во Приштина, каде му било важно да дојде што поскоро по одржаните избори и да ги запознае соговорниците за деталите на процесите и прогресот кој е направен откако почна дијалогот.
„Не можам доволно да нагласам дека дијалогот е клучен", рече Лајчак.
Тој повтори дека Србија значително напредувала во процесот на евроинтеграциите, а дека дијалогот е клучен за понатамошниот напредок во тој процес.
„И во Приштина и во Белград испратив иста порака, државите членки на ЕУ очекуваат дијалогот за севкупната нормализација на односите на Србија и Косово и на сите отворени прашања да биде продолжен конструктивно и во добра верба. Спремни сме да го доведеме процесот до успешно завршување онолку колку двете страни на тоа се спремни", изјави Лајчак.
Исто така, наведе дека државите членки на ЕУ очекуваат и двете страни да го исполнат сето она што е резултат на на претходните договори во претходните 10 години.
Тој изрази задоволство дека „во Приштина постои разбирање дека дијалогот е од клучно значење и дека мора да продолжи по формирањето на тамошните институции".
„Спремни се да ја продолжиме нашата работа", додаде Лајчак.
Специјалниот претставник на ЕУ рече и дека со САД се враќаат во блиска соработка, бидејќи ЕУ и САД делат иста цел за Западен Балкан, а тоа е придружување кон ЕУ.
Претседателот на Србија Александар Вучиќ рече дека со Лајчак имал добар и содржински разговор, и дека Лајчак го запознал со најважните сегменти на разговорите кои ги имаше во Приштина, каде престојуваше пред посетата на Белград.
„Србија е посветена на дијалогот со Приштина и спремназа продолжување во секој момент кога на тоа продолжување ќе биде повикана во Брисел", рече Вучиќ.
Тој рече и дека Србија ги поддржува активностите, напорите и намерите на Лајчак со политика на компромиси да дојде до решение кое би значело „делумно задоволство за двете страни без ултиматум и без наметнати решенија".
„Она што е важно е дека Србија не поставува никакви рокови за доаѓање до компромисен договор, бидејќи многу поважно е да направите некаков договор делумно задоволен за двете страни, отколку со избрзани решенија да се дојде до катастрофа", додаде Вучиќ.
Вучиќ рече и дека Србија ќе инсистира на потполно спроведување на сето она што веќе е договорено, како што е формирањето на Заедницата на српски општини.