Fatjon Cuka
11 Декември 2020•Ажурирај: 11 Декември 2020
ТИРАНА
Министерот за внатрешни работи на Албанија Сандер Лешај поднесе оставка поради настаните во кои почина 25-годишно машко лице, откако го бркаше полицијата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Оставката на министерот Лешај ја потврди премиерот на Албанија Еди Рама на социјалните мрежи, при што соопшти дека ја прифатил оставката на министерот.
„Веднаш по приемот на известувањето за настанот, министерот за внатрешни работи ме извести и понуди оставка. И не само за да ги „испере устата" туку ми објасни зошто неговото повлекување од високата положба бил вистински начин за него лично, за мене кој му ја доверив таа задача и за Владата и за нашето владејачко мнозинство. Се состанавме денес и многу сум горд на чувството на граѓанската и моралната одговорност со која Сандер Лешај се мери себеси и својата должност", наведе Рама.
Премиерот Рама рече дека „губењето на животот на дваесетпетгодишното младо момче, со екстремно пречекорување на силата на полицискиот службеник е трагедија за семејството и шокантна вест за целото општество".
Министерот Лешај на социјалните мрежи напиша дека „во текот на повеќе од две години е на чело на Министерството за внатрешни работи се обидел и успеал да смени многумина нешта на подобро, и дека својата мисија ја затворил со најдобриот историски рекорд во областа на јавниот реди безбедност во последните 30 години во историјата на Албанија."
По повод смртта на 25-годишниот Клодиан Раша во Тирана, реагираа политичките партии, активисти од цивилниот сектор и граѓаните, кои и вечерва продолжија да протестираат.
- Настанот во кој 25-годишното лице го загуби животот
Настанот во кој 25-годишното лице почина се случи околу 01:45 часот на 8 декември во Тирана, се совпаѓа со времето на ограничувањето на движењето на граѓаните, а исто така беше уапсен и полицаец.
Според официјалното соопштение од Службата за внатрешни работи и жалби при Министерството за внатрешни работи на Албанија, по повикот на полицијата да запре, младото лице не го послушал повикот на полицаецот и се обидело да избега од полицијата, поради што полицијата започнала потрага по него. Како што се наведува, полициските службеници откриле дека лицето со себе носело огнено оружје.
Еден од полицајците, откако не успеал да го фати лицето, кон него отворил оган со службено оружје, при што 25-годишникот бил повреден, а потоа го загубил животот во болница.
Службата за внатрешни работи и жалби проценува дека постапките на полицискиот службеник се во спротивност со стандардните процедури за употреба на огнено оружје, а во меѓувреме полицаецот е приведен.
Настанот предизвика реакции кај политичките партии, активистите од граѓанското општество и граѓаните, кои предупредуваат на продолжување на протестите.