Admir Fazlagic
17 Јуни 2018•Ажурирај: 18 Јуни 2018
СКОПЈЕ (АА) - Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини, по повод Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и стратегиското партнерство изјави дека ова е историски ден за двете земји, но и за Европската Унија (ЕУ) и за Балканот, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Ова е историски ден за двете земји, но и за Европската Унија и за Балканот“, истакна Могерини, која присуствуваше на церемонијата на потпишувањето на Договорот за решавање на спорот околу името.
Таа рече дека многумина беа скептични за Договорот, а премиерите и министрите за надворешни работи на Македонија и Грција беа истрајни за да го постигнат.
„Двете страни, со вин-вин солуцијата што ја потпишаа, нè направија горди нас, Европејците. Се надевам дека ова ќе биде инспирација за многумина во регионот да преземат храбри чекори, како и за цела Европа. Овој договор им покажа на Европа и светот дека секој проблем може да се реши со дијалог и лидерство“, рече Могерини.
Таа додаде дека ЕУ ќе ја следи имплементацијата на Договорот, бидејќи, како што кажа, тој не е значаен само за двете земји, туку и за Европа и светот.
„Требаше многу време и многу пат за да стигнеме таму каде што сме денеска. Ова е историски ден и можност за граѓаните на идната Северна Македонија да добијат позитивни одговори за евроатлантските интеграции. На крајот од денот сите ќе видат дека Договорот е добар компромис во кој сите добиваат по нешто“, изјави еврокомесарот за проширување и добрососедска политика, Јоханес Хан.
Изјавата ја даде по потпишувањето на Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и стратегиското партнерство.
Потсетуваме, владите на Република Македонија и Република Грција, денеска во Псарадес, на грчката страна на Преспанското Езеро го потпишаа Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и за стратегиско партнерство, според кој Република Македонија ќе го смени своето име во Република Северна Македонија.
Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и за стратегиско партнерство го потпишаа министрите за надворешни работи на Република Македонија и на Република Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, заедно со медијаторот во преговорите, амбасадорот на Обединетите нации, Метју Нимиц.
На церемонијата на потпишување присуствуваа премиерите на Република Македонија и на Република Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, заедно со своите делегации.