D. Omanovic
26 Февруари 2020•Ажурирај: 27 Февруари 2020
МОСТАР (AA) - Со положување на цвеќе и минута молк покрај спомен-обележјето на локалитетот Матиќ Брдо кај Мостар, денеска се одбележани 16 години од смртта на поранешниот македонски претседател Борис Трајковски, јавува Агенција Анадолија (АА).
Поранешниот македонски претседател Борис Трајковски, заедно со соработниците и членовите на посадата трагично настрада во авионската несреќа при доаѓањето на Меѓународната инвестициска конференција во 2004 година.
Министерот без ресор во Владата на Република Македонија задолжен за дијаспора, Едмонд Адеми, рече дека Трајковски оставил длабока трага не само во македонското општество, туку и во комплетниот регион. Истакна и дека не ги делел луѓето по етничка и верска основа, како и дека бил човек во чие срце имало место за секого.
„Таков беше сѐ до својот последен здив. Денес, 16 години подоцна, а верувам и во наредните години, и Северна Македонија и БиХ, но и регионот се сеќаваат на големиот човек и на неговите дела“, рече Адеми.
Потсети и дека Трајковски во текот на претседателскиот мандат посветено работел на приемот на неговата земја во НАТО, како и на приближувањето во Европската Унија.
„Трајковски ја негуваше демократијата и останатите вистински вредности. Неговата визија беше Република Северна Македонија во НАТО. На денот на загинувањето, делегацијата на Владата на Македонија патуваше во Даблин за да ја предаде апликацијата за членство во Европската Унија. Денес сме близу отворањето на преговорите за членство. Затоа го почитуваме и треба да го почитувме“, истакна Адеми.
Заменик-министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина Јосип Бркиќ во изјава за медиумите рече дека БиХ никогаш нема да ги заборави своите пријатели, меѓу кои и претседателот Трајковски.
„Работел на продлабочување на односите на нашите земји, како и на стабилноста и просперитетот на регионот. Се трудеше и за подобро разбирање меѓу државите во регионот. Драго ми е што неговата визија се реализира и што Северна Македонија е пред отворањето преговори за членство во Европската Унија. Се надевам дека преговорите наскоро ќе започнат, што ќе има позитивни ефекти за регионот, па и за БиХ“, изјави Бркиќ.
Венци покрај спомен-обележјето денеска положија делегациите на Претседателството и Владата на Северна Македонија, Претседателството на БиХ, Министерството за надворешни работи на БиХ, Министерството за човекови права на БиХ, Амбасадата на Северна Македонија во БиХ, Владата на Федерацијата БиХ, Владата на ХНК, Градот Мостар, Војската на Северна Македонија и на Здружението на граѓани иселени од Северна Македонија.
Авионот во кој се наоѓаа претседателот на Македонија, Борис Трајковски, соработниците од неговиот Кабинет, Димка Илкова-Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Лозановска; вработен во македонското МНР, Миле Крстевски; членовите на обезбедувањето Борис Велинов и Аце Велиновски, како и пилотите Марко Марковски и Бранко Ивановски, падна на 26 февруари во 2004 година, на подрачјето Ротимље помеѓу Мостар и Столац.
Комисијата за истражување на причината за несреќата, која ја формираше Советот на министри на БиХ, најпрвин заклучи дека причина за падот на авионот била процедурална грешка на пилотската екипа во фазата на слетувањето на мостарскиот аеродром, а која доведе до тоа авионот да удри во рид. Подоцна е заклучено и дека пилотите направиле седум грешки. Обвинителството во БиХ никого не обвини за несреќата кај Мостар.