Mustafa Melih Ahıshalı
11 февруари 2016•Ажурирај: 12 февруари 2016
ТЕХЕРАН (АА) - Со церемонија на техеранскиот плоштад „Азади”, денес е одбележана 37-годишнината од иранската револуција, а претседателот на земјата Хасан Рохани порача дека е неопходно да се ревидира јазикот на револуцијата, јавува Anadolu Agency (AA).
„Треба да го ажурираме самиот јазик на револуцијата. Револуцијата денес значи инклузивност, договарање и отпор. Таа е способноста домашните производи конкурентно да се понудат на светскиот пазар на стоки”, порача Рохани.
Нагласувајќи дека револуцијата му припаѓа на целиот ирански народ, Рохани рече дека револуционери на сите три големи политички групи во Иран се оние кои ја поддржуваат умерената политика, конзервативците и реформистите, а дека е неприфатливо одредени групи да ја присвојуваат револуцијата како единствено за нив својствена.
Рохани рече дека во Иран на 26-ти февруари ќе се одржат парламентарни избори и избори за нов состав на Советот на експерти и додаде дека тоа се исклучително важни избори и секој глас ќе биде глас за надеж и владеење на законот.
Во Иран од 1-ви до 11-ти март традиционално се одбележува годишнината од револуцијата. И на овогодинешните свечености ширум земјата се извикувани антиамерикански и антиизраелски слогани.
Иранската револуција, позната и како Исламска револуција во Иран, означува низа масовни протести и политички реформи кои во 1979 година доведоа до соборување на монархијата на Реза Пахлави и устројување на Иран како исламска република.