СКОПЈЕ/ТИРАНА/ПРИШТИНА (АА) – Годината која изминува во земјите од регионот помина со одржување на избори и тоа редовни претседателски избори во Северна Македонија, локални избори во Албанија и предвремени парламентарни избори во Косово. На полето на надворешната политика имаше важни одлуки во поглед на интеграциите на земјите од регионот во ЕУ и НАТО, но и интересни настани од светот на културата и спортот, кои Агенција Анадолија (АА) ви ги пренесува по хронолошки редослед.
- Северна Македонија -
3 февруари - Македонскиот документарен филм „Медена земја“ („Honeyland“), кој раскажува приказна за Атиџе, последната жена одгледувач на диви пчели во Европа, која живее сама со својата мајка во село, ја доби наградата на жирито за најдобар документарен филм во конкуренција за документарци на светско ниво на американскиот фестивал „Санденс“ („Sundance“). Филмот ја доби и наградaта за најдобра кинематографија (Special Jury Award for Cinematography), како и специјалното признание од жирито за влијание за промена (Special Jury Award for Impact for Change).
ОХРИД (АА) - Државниот секретар на Соединетите Американски Држави, (Л) Мајк Помпео, кој претстојува во официјална посета на Северна Македонија се состана со претседателот на Северна Македонија, (Д)Стево Пендаровски ( Husamedin Gina - Агенција Анадолија ) ( Husamedın Gına - Агенција Анадолија )
6 февруари - Годинава во изминување помина во светло на важните чекори за Северна Македонија на патот кон членството во НАТО. На шести февруари оваа година, во седиштето на НАТО во Брисел беше потпишан Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во Алијансата. Протоколот го потпишаа постојаните претставници на 29-те членки на НАТО и министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Никола Димитров.
Потоа започна ратификацијата на Протоколот во Парламентите на сите земји членки на Алијансата, при што остана само уште Шпанија да го ратификува Протоколот во својот Парламент, а потоа земјата и официјално треба да стане 30. членка на НАТО.
Оваа година во Северна Македонија во април и во мај се одржаа претседателските избори.
21 април/5 мај - Ова беа шести претседателски избори од независноста на државата, а први по стапувањето на сила на Преспанскиот договор со кој е решен повеќегодишниот спор за името со Грција, според кој државата го смени своето име од Македонија во Северна Македонија. За претседател на државата избран е Стево Пендаровски, кандидат кој беше поддржан од владејачката СДСМ и уште други триесетина партии од владејачката коалиција.
7 мај - Во официјална посета на Скопје престојуваше папата Франциск. Тој во рамките на посетата се состана со тогашниот претседател, Ѓорѓе Иванов, премиерот Зоран Заев, а на Градскиот плоштад во Скопје одржа и миса во која упати пораки што апелираат на мир и соживот.
За прв пат во својата историја, Северна Македонија и нејзините граѓани беа домаќини на посета на папа и на висока делегација од Ватикан.
4 октомври - Американскиот државен секретар, Мајк Помпео, пристигна во посета на Северна Македонија. Помпео во Охрид се состана со државниот врв. За време на посетата, Помпео истакна дека тој е првиот американски секретар што ја посетува Северна Македонија по 2001 година и ја поздрави посветеноста на земјата кон ЕУ и НАТО-интеграциите.
17-18 октомври - По решавањето на повеќедеценискиот билатерален спор за името помеѓу Северна Македонија и Грција, со склучување на Преспанскиот договор, се отворија вратите на земјата кон ЕУ и НАТО, коишто се нејзините стратешки определби. Од лидерите на ЕУ беше најавувано дека се очекува земјата да добие датум за почнување пристапни преговори со ЕУ, но тоа не се случи.
Советот за општи работи на ЕУ, кој го сочинуваат министрите за надворешни или европски работи на земјите членки, на состанокот во Луксембург одржан на 17 и 18 октомври, поради противењето на Франција, не донесе одлука за одредување датум за Северна Македонија и за Албанија да ги започнат пристапните преговори за членство во Европската Унија.
19 октомври - По ваквата одлука, премиерот Заев во своето обраќање до јавноста предложи да се одржат брзи предвремени избори. Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, по повод недобивањето датум за преговори, иницираше и одржа лидерска средба со претставниците на парламентарните партии во земјата, при што беше постигната согласност предвремените избори да се одржат на 12 април 2020 година.
10 ноември - Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, претседателот на Албанија, Еди Рама, и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во Охрид одржаа регионална средба на која дискутираа за подобрување на регионалната соработка за елиминирање на сите препреки за слободното движење на луѓе, добра, услуги и капитал, односно за идејата позната и под името „Мини Шенген“. На средбата присуствуваа и претставници од БиХ и Црна Гора, кои беа повикани за да се вклучат и нивните држави во оваа идеја. Разговорите за „Мини Шенген“ продолжуваат во Албанија на 21 декември.
20 ноември - Македонската фудбалска репрезентација ја победи репрезентацијата на Израел со резултат 1:0 на последниот квалификациски натпревар за ЕВРО 2020. Заклучно со овој натпревар, избраниците на селекторот Игор Ангеловски завршија на третото место, што е најдобар пласман за репрезентацијата досега во квалификации. Инаку, Македонската фудбалска репрезентација, која е дел од Лигата на нации на УЕФА, се наоѓа на врвот на табелата во групата 4, со што се отвора голема можност репрезентацијата да се пласира на Европското првенство 2020 година, што би било прв пат Македонската фудбалска репрезентација да учествува на Европско фудбалско првенство.
- Албанија -
10 јануари - Претседателот на Албанија, Илир Мета, одби да го декретира предлогот за именување на Гент Цакај за нов министер за Европа и надворешни работи на Албанија. Според претседателот Мета, Гент Цакај „не ги исполнил условите, не создава кредибилитет и не дава гаранции потребни за објективно извршување и на потребно ниво на министерската должност за Европа и за надворешни работи“. По оваа одлука, почна судирот меѓу институциите, а откако Рама беше назначен на функцијата, тој му ги делегираше на Цакај овластувањата да ја води институцијата.
16 февруари - Почнуваат антивладините протести на опозициските партии во Тирана, Демократската партија (ДП) и партијата Социјалистичко движење за интеграција (СДИ) и другите партии, што продолжија неколку месеци во главниот град и другите градови и што беа проследени со тензии и судири меѓу полицијата и демонстрантите. Опозициските политички партии бараа формирање привремена влада и распишување предвремени парламентарни избори.
20 февруари - Главната опозициска партија во Албанија, Демократската партија, го официјализираше предавањето на парламентарните мандати преку одлуката на Националниот совет, одлука која ја следеа и другите опозициски партии.
13 март - Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, со владина делегација престојуваше во официјална посета на Албанија.
1 април - Албанија ја одбележа 10-годишнината на своето зачленување во НАТО. По повод одбележувањето, пред и по овој датум во земјата се организираа повеќе официјални церемонии.
9 мај - Во Тирана се одржа Самитот на процесот „Брдо-Бриони“, на кој присуствуваа лидерите од балканските земји, а неговата цел беше да се пренесе политичка порака во врска со аспирациите на земјите од регионот за интегрирање во ЕУ.
2 јуни - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, оствари официјална посета на Албанија, при што се сретна со лидерите на државата.
10 јуни - Претседателот на Албанија, Илир Мета, официјално го укина декретот за одржување на локалните избори, кои беа закажани за 30 јуни 2019 година.
27 јуни - Претседателот на Албанија, Илир Мета, декретираше нов датум за одржување локални избори, 13 октомври. Овој предлог не беше прифатен од владејачката Социјалистичка партија, предводена од премиерот Еди Рама, и не беше спроведен од Централната изборна комисија.
30 јуни - Во Албанија се одржаа локалните избори за 61 општина и за членови на општинските совети, кои се одвиваа според првиот декрет на претседателот на земјата, Илир Мета. На изборите победи Социјалистичката партија. На изборите учествуваше владејачката партија предводена од премиерот Еди Рама, заедно со неколку коалициони партнери. Главните опозициски партии, Демократската партија и партијата Социјалистичко движење за интеграција, ги бојкотираа локалните избори, а дел од изборниот процес беа и неколку други опозициски парламентарни и вонпарламентарни партии.
8 јули - Албанскиот Парламент го одобри формирањето истражна комисија за разрешување на претседателот Илир Мета по барањето на Социјалистичката партија, со образложение дека декретот за поништување на локалните избори беше спротивен на уставните начела.
15 јули - Под покровителство на Турската амбасада во Тирана се одржа комеморативниот марш по повод третата годишнина од обидот за државен удар на терористичката организација ФЕТО, со учество на претставници на турските институции, претставници на албанските институции, граѓански организации, ветераните од 15 јули, семејствата на мачениците и стотици граѓани.
21 септември - Главниот град на Албанија, Тирана, и други градови на земјата беа погодени од силен земјотрес, при што беа повредени стотици граѓани и беше предизвикана материјална штета.
26 октомври - Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, оствари официјална посета на Албанија.
26 ноември - Силен земјотрес ја погоди Албанија, при што загинаа 51 лице, стотици беа повредени и беше предизвикана значителна материјална штета. Како резултат на земјотресот беа уништени згради, куќи, културни споменици, училишта и институции, а земјата беше погодена и од други помали земјотреси. Институциите и организациите од Турција, но и од другите земји, понудија помош на погодените жители, испраќајќи екипи за спасување.
29 ноември - Во Албанија се одбележа 75-годишнината од ослободувањето од нацифашистичката окупација.
- Косово -
14 јануари - Сите образовни институции од сите нивоа во Косово излегоа на генерален штрајк барајќи зголемување на коефициентот на платите за 30 проценти. Штрајкот продолжи три последователни недели сè до состанокот на претседателот на Обединетиот синдикат за образование и наука на Косово, Рахман Јашарај, со претседателот на Парламентот, Кадри Весели, и премиерот Рамуш Харадинај. Штрајкот беше прекинат, велејќи дека договорот меѓу страните е „многу блиску“ до барањата на просветните работници.
17 јануари - Премиерот на Косово, Рамуш Харадинај, го прими европскиот комесар, Јоханес Хан, во Владата на Косово. На состанокот тие разговараа за барањето на ЕУ до Косово да се укине тарифата од 100 отсто за стоките увезени од Србија, но беше разговарано и за постигнување реформи од европската агенда.
2 февруари - Премиерот на Косово, Рамуш Харадинај, го разреши од должност министерот Ненад Рикало. Тоа беше еден од условите на опозициската Социјалдемократска партија за да гласа за Законот за буџетот за 2019 година.
14 февруари - Се финализираше Платформата за дијалог со Србија. Еден од шефовите на државната делегација за дијалог, Фатмир Лимај, по состанокот со претседателот Тачи, претседателот на Парламентот Весели и премиерот Харадинај, рече дека оваа платформа претставува „обединување на позицијата на државните институции и Делегацијата во однос на позицијата на Косово во дијалогот со Србија“.
28 март - Со 69 гласа „за“, ниту еден „воздржан“ или „против“, косовскиот Парламент го усвои нацрт-законот за забрана на сите игри на среќа во територијата на Косово. Ова се должи на убиствата што се случија во казината во Сухарека и Липјан неколку дена пред донесувањето на оваа одлука.
4 април - Косово и Турција потпишаа договор во областа на одбраната, во кој се вклучени областите од заеднички интерес за соработка. Ова уследи по официјалната посета на турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар, кој беше примен од неговиот косовски колега, Рустем Бериша, во Приштина.
9 април - Премиерот на Косово, Рамуш Харадинај, го разреши српскиот министер за локална самоуправа во рамки на косовската Влада, Иван Теодосијевиќ. Одлуката за неговото разрешување, според премиерот Харадинај, дошла откако Теодосијевиќ употребил говор на омраза и ги навредил жртвите од Речак.
15 април - Косовскиот Парламент со големо мнозинство гласаше за формирање специјална комисија „што ќе преземе понатамошни чекори до создавање на Меѓународен трибунал за судење на српските злосторства во Косово“. Идејата за формирање Меѓународен трибунал за српските злосторства во Косово, според претседателот на Парламентот, Кадри Весели, е поради честа и достоинството на Косово.
20 април - 110 косовски државјани се вратија од Сирија во Косово, повеќето од нив жени и деца. Министерот за правда, Абелард Тахири, рече дека работната група за нивно враќање е водена исто така со помош на САД и другите држави кои се во сојузот против тероризмот.
29 април - Во Берлин се одржа Берлинскиот самит со лидерите од Западен Балкан во организација на германската канцеларка, Ангела Меркел, и францускиот претседател, Емануел Макрон. По состанокот, претседателот Тачи рече дека овој самит „не донел резултати за односите меѓу Косово и Србија“.
19 мај - Се одржаа вонредни избори во четири општини со мнозинство српско население: Северна Митровица, Зубин Поток, Лепосавиќ и Звечан, откако сите четворица градоначалници поднесоа оставки поради тарифата од 100 отсто што ја наметна косовската Влада за српските производи. По завршувањето на процесот, изборите ги добија истите поранешни градоначалници.
28 мај - Косовската полиција изврши претреси на 12 локации главно на северот од Косово и уапси 19 припадници на косовската полиција. Полицајците беа осомничени за кривични дела „учество или организирање криминална група“, „криумчарење стоки“, „злоупотреба на службената должност“, „давање поткуп“ и „нелегална трговија“. Од нив, 11 беа од српска националност, четворица од албанска националност и четворица од бошњачка националност.
2 јуни - Започнува работата за рехабилитација на првата фаза од 10-та железничка пруга Приштина - Елезхан, што го поврзува Косово со Северна Македонија. Рехабилитацијата на железничката пруга, што се случи во рамките на инвестициската рамка за Западен Балкан од страна на ЕУ и во партнерство со Министерството за инфраструктура, ќе модернизира 67 километри од железничката пруга Приштина - Елезхан и 13 железнички станици, додека брзината на возот ќе достигне до 100 километри на час.
11 јуни - Поранешниот американски претседател, Бил Клинтон, и поранешната државна секретарка, Медлин Олбрајт, го посетија Косово за да ја одбележат 20-годишнината од ослободувањето. Во оваа пригода, претседателот Тачи му додели медал „Орден на слободата“ на поранешниот американски претседател, Бил Клинтон.
14 јуни - Претседателот на Република Косово, Хашим Тачи, го потпиша указот за ратификација на Меѓународниот договор Косово-Турција за слободна трговија. Указот беше потпишан врз основа на уставните овластувања на претседателот и по барање на косовскиот министер за надворешни работи, Беџет Пацоли.
27 јуни - Уставниот суд на Косово пресуди во корист на случајот поднесен од двете опозициски партии, Демократскиот сојуз на Косово и Движењето „Самоопределување“, кои го оспорија „Законот за косовската делегација во разговорите со Србија“ како противуставен.
18 јули - Премиерот на Косово, Рамуш Харадинај, поднесе оставка. На прес-конференцијата по состанокот на косовската Влада, Харадинај рече дека поднел оставка затоа што бил поканет како осомничен од страна на Специјалниот суд во Хаг.
22 август - Со 88 гласа „за“, се распушти 6-тиот состав на Парламентот на Косово. Седницата беше свикана по барање на 98 пратеници.
26 август - Претседателот Хашим Тачи, врз основа на неговите уставни и законски одговорности, го одреди 6 октомври како датум за одржување нови предвремени парламентарни избори.
6 октомври - Во Косово се одржаа вонредни парламентарни избори. Победник на овие избори е Движењето „Самоопределување“, следено од Демократскиот сојуз на Косово, кој беше втор со мала разлика.
17 октомври - Во Приштина се протестираше пред Шведската амбасада против доделувањето на Нобеловата награда на австрискиот писател Петер Хандке, поддржувач на Слободан Милошевиќ. Протестот беше проследен со неколку фотографии од масакрите што ги нареди Слободан Милошевиќ во Косово за време на војната во 1999 година.
24 октомври - Основното обвинителство во Призрен го прими вештачењето од Швајцарија за смртта на Астрит Дехари. Од ова обвинителство рекоа дека откако ја примиле оваа експертиза „сметаат дека е потребна нова истрага за да се разјаснат околностите за смртта“ на Дехари.
7 ноември - Централната изборна комисија ги објави конечните резултати од парламентарните избори на 6 октомври. Пребројувајќи ги сите гласови, Комисијата соопшти дека гласале 44,72 проценти од граѓаните, или 826.937 гласачи.
12 ноември - Претседателот на Косово, Хашим Тачи, се состана со претседателот Александар Вучиќ во Париз во рамките на Парискиот мировен форум, инициран од францускиот претседател, Емануел Макрон, за да се соберат државниците од целиот свет и да разговараат за зачувување и зајакнување на мирот во светот.
25 ноември - Претседателот на Косово, Хашим Тачи, и премиерот Рамуш Харадинај, го номинираа Крешник Гаши за нов директор на Косовската разузнавачка агенција и Бурим Рамадани за генерален инспектор.
26 ноември - По наредба на претседателот на Косово, Хашим Тачи, единиците на Косовските безбедносни сили тргнуваат за Албанија за да помогнат во подрачјата погодени од земјотресот. Подоцна во текот на истиот ден, другите единици за пребарување и спасување заминаа од Косово за Албанија, а голем број граѓани веднаш се мобилизираа за да им помогнат на настраданите од земјотресот.
2 декември - Специјалното обвинителство на Република Косово подигна обвинение при Основниот суд во Приштина - Специјалното одделение, против шест лица за неколку кривични дела поврзани со убиството на српскиот политичар Оливер Ивановиќ.
5 декември - Поранешниот министер на косовската Влада, Иван Теодосијевиќ, е осуден на две години затвор од страна на Основниот суд во Приштина под обвинение за „поттикнување национална, расна, верска или етничка омраза, поделба или нетолеранција“ во врска со неговата изјава во која масакрот на Рачак го оцени како фиктивен и Албанците како терористи.
10 декември - Претседателот на косовскиот Парламент, Кадри Весели, одговори на повикот од Специјалниот суд во Хаг, каде што отиде и беше сослушан, нарекувајќи го ова „клучен момент за потврдување на чистотата на војната на нашиот народ, војната на Ослободителната војска на Косово“.
news_share_descriptionsubscription_contact


