Aleksandar Savanovic
03 Декември 2024•Ажурирај: 04 Декември 2024
НОВИ САД (АА) - Советниците на Градското собрание на Нови Сад не изгласаа недоверба на градоначалникот Милан Ѓуриќ (член на Српската напредна странка), на иницијатива на опозицијата, која го побара тоа по падот на натстрешницата на Железничката станица на 1 ноември, при што загинаа 15 лица. Седницата ја одбележаа тензии како меѓу советниците и опозицијата во Собранието, така и меѓу граѓаните, политичките активисти од една страна и полицијата од друга страна пред собраниската зграда, јавува Анадолу.
Гласаа 75 советници на новосадското Собрание, од кои 25 гласаа за разрешување, а 48 гласаа против.
Тензична атмосфера преовладуваше од самиот почеток на седницата, каде советниците од власта се собраа околу СНС и опозицијата и си разменија обвинувања, додека малку подоцна пред зградата на Собранието се собраа граѓани и народните пратеници на опозицијата од републичкиот и покраинскиот Парламент, кои со врева и дување во свирчиња и вувузели, и со удирање во тапани и тави го изразија своето незадоволство од актуелната градска власт, барајќи смена на првиот човек на градот, во чиј мандат се случи најголемата трагедија од Втората светска војна.
Советниците од опозицијата ги отворија прозорците за погласно да се чуе вревата, но собраниската седница не беше прекината.
Во еден момент дел од демонстрантите се обидоа да влезат во зградата на локалниот парламент, каде што ги пречека полицијата со штитови.
Потоа следуваше неколкуминутно туркање на полицијата и граѓаните, во кое учествуваа и опозиционерите, а потоа полициските сили ги истуркаа демонстрантите од зградата. Набрзо на полицијата ѝ се придружи и засилување од блиската зграда на Собранието на Војводина.
Притоа приведен е еден демонстрант, бидејќи наводно го зел телефонот на новинарка од еден од српските весници.
Откако не беше изгласано отповикување на градоначалникот, демонстрантите пред Градското собрание се разотидоа, а полицијата остана да ја обезбедува зградата.