Ivana Ramadanova
22 Август 2017•Ажурирај: 22 Август 2017
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, денеска изјави дека Република Македонија развива добрососедски односи со сите држави од регионот, додавајќи дека новата Влада досега тоа го покажала, воедно преземајќи интензивни активности за решавање на отворените прашања со соседите, а не за отворање на нови, јавува Anadolu Agency (AA).
„Република Македонија развива добрососедски односи со сите држави од регионот. Мислам дека новата Влада го покажа тоа и преземаме интензивни активности да ги решаваме отворените прашања со соседите, а не да отвориме нови" истакна Османи, одговорајќи на новинарско прашање за заострувањето на односите на Белград кон Скопје.
Тој додаде дека Владата на Република Македонија будно ја следи состојбата, меѓутоа не би избрзале со заклучоци, додавајќи дека македонската Влада ја поздравува изјавата од српска страна, односно нивниот официјален став за заштита на пријателските односи и враќање на состојбите во вообичаените рамки.
„Се разбира будно ја следиме состојбата, меѓутоа не би избрзале со заклучоци. Тоа што може е да ја поздравиме изјавата од српска страна односно нивниот официјален став за заштита на пријателските односи и враќање на состојбите во вообичаените рамки", рече Османи на денешната прес-конференција во Владата на Република Македонија.
Потсетуваме, во неделата, Амабасадата на Србија во Скопје го извести Министерството за надворешни работи на Република Македонија дека го повлекува персоналот на амабсадата на консултации во Белград.
Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера изјави дека амбасадорката и службениците на амбасадата на Србија во Скопје се повлечени во Србија бидејќи имаат информации за „многу офанзивно разузнавачко делување против органите и институциите на Србија“.