Diyar Güldoğan
16 Декември 2016•Ажурирај: 17 Декември 2016
АНКАРА (АА) - Рускиот амбасадор во Турција денес изјави дека односите меѓу двете земји се нормализирани по кризата што настана поради соборувањето на рускиот воен авион во ноември 2015 година, јавува Anadolu Agency (AA).
„Кризата поврзана со соборувањето на нашиот авион е надмината. Нашите односи се вратени во нормала“, изјави Андреј Карлов во Анкара, за време на меѓународната конференција насловена „Продлаболување на односите меѓу Турција и Русија“.
Односите меѓу Русија и Турција се влошија кон крајот на ноемвриминатата година, по соборувањето на рускиот авион што го наруши турскиот воздушен простор долж сириската граница. Односите започнаа да се затоплуваат на 29 јуни, по писмото и последователните телефонски разговори меѓу лидерите на двете земји.
„Рускиот претседател Владимир Путин со никого не зборувал толку многу колку што телефонски зборуваше со турскиот претседател Ердоган“, изјави Карлов.
Карлов изјави дека се остварени 11 телефонски разговори меѓу двајцата лидери.
Тој изјави дека, за жал, кризата ги погодила економските односи на двете земји.
Обраќајки се на конференцијата, генералниот директор на Советот за руски меѓународни работи, Андреј Кортунов, изјави дека Турција и Русија ја надминале кризата во нивните односи.
„Всушност, може да се извлече поука од тоа. Изминатата година ни покажа дека односите меѓу двете земји се чувствителни и кревки“, изјави Кортунов.
„Изгледа дека на повидок е нова соработка“, додаде тој.
Кортунов изјави дека е многу важно повторното воспоставување на односите.
Шефик Вурал Алтај, генералниот директор за билатерални односи во турското Министерство за надворешни работи, изјави дека Турција ја гледа Русија како важен сосед.
„Понекогаш натпреварувањето и соработката се ефективни во односите“, изјави Алтај.
„Процесот на нормализација политички е речиси завршен, но треба да се преземат некои чекори на економско ниво“, изјави Алтај.
Алтај очекува Русија да ја отстрани забраната за визи за Турција.
По кризата со соборувањето на авионот на 24 ноември, Москва презеде неколку мерки против Турција, вклучувајќи забрана на безвизниот режим, како и забрана за увоз на одредени прехранбени производи, забрана за продажба на пакети за одмор во Турција од страна на туристичките агенции за Русите. Русија исто така ги повика своите државјани да ја бојкотираат Турција како туристичка дестинација по кризата.