Miki Trajkovski
04 Мај 2017•Ажурирај: 05 Мај 2017
ОХРИД (АА) - Со учество на 190 учесници од Македонија, Албанија, Србија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Кипар, Молдавија, Романија, Србија, Турција и од Црна Гора, во Охрид се одржува 34. Балканска математичка олимпијада, јавува Anadolu Agency (AA).
Охрид повторно е домаќин на најдобрите математичари од регионот по 2008 година, бидејки олимпијадата се одржува секоја година по принципот на ротација на сите држави. Правилата овозможуваат на олимпијадата да учествуваат и други држави по пат на претходно пријавување.
Годинава, во Охрид учествуваат дополнително уште осум тимови од Азербејџан, Казахстан, Киргистан, Саудиска Арабија, Катар, Велика Британија, Италија и од Туркменистан.
„Станува збор за натпревар меѓу ученици од средното образование и ние сме среќни што сме домаќини на оваа олимпијада. Балканијадата брои вкупно 190 луѓе со домаќините кои се вклучени и во натпреварот и во дружењето меѓу нас. На оваа олимпијада сите се победници затоа што се најдобрите шест учесници од секоја од земјите. Многу е тешко да се влезе во тимовите. Ние сме многу среќни што годинава имаме два тима од Македонија. Две третини од учесниците земаат медали кои се распределни во соодветен однос“, рече Слаѓана Брсакоска, член на организацискиот одбор на математичката олимпијада.
Овој настан е добра можност и за меѓусебно запознавање и неколкудневно дружење на голем број млади луѓе од регионот и пошироко. Во тимот од Албанија има ученици од Тирана, Драч, Круја и од други градови.
„Како и сите други настани од ваков тип, така и оваа олимпијада има карактер и на дружење меѓу учесниците. Не е важно само кој ќе победи и кој ќе земе прво место. Учесниците се дружат меѓу себе. Од државно ниво се оди на интернационално и на светско ниво и затоа е важно учениците да разменуваат искуство едни со други“, вели Адријан Ачо, лидер на тимот на Албанија.
„Ние учествуваме со 6 ученици, вкупно сме 9 лица. Претходно на балканската олимпијада за млади и балканската олимпијада учествуваа наши екипи во Охрид. Дојдовме пред два дена. Првите два дена ги одбравме прашањата, подготвивме еден добар испит тест. Тука ќе бидеме вкупно 5 дена“, изјави Азер Керимов, лидер на тимот од Турција.
Традиционални учесници на Балканската олимпијада по математика се Србија и Босна и Херцеговина.
„Ние се надеваме на добар резултат. Не очекуваме да сме први екипно, но се надеваме на трето место. Учениците ќе имаат можност не само да работат задачи, иако тоа е важен дел на натпреварот, но исто така, многу важен дел е да запознаат деца и од другите држави и да го видат остатокот на светот.Овде можат да го видат преубавото Охридско Езеро и малку да уживаат. Од Србија имаме учесници од Белград и од Нови Сад“, вели Душан Џукиќ, лидер на тимот од Србија.
„Очекуваме секој ученик да освои медал, барем тоа да биде бронзен медал. Ова е еден од најсериозните натпревари во овој регион на Европа.Медалот од овој натпревар многу значи и има голема вредност бидејќи тој е еден вид подготовка за уште еден поголем натпревар, а тоа е Меѓународната математичка олимпијада во Бразил, која ќе се одржи во јули оваа година. Генерално, имаме мал број натпреварувачи кои можат да се натпреваруваат на повисоко ниво“, вели Марко Четиќ, лидер на тимот од Босна и Херцеговина.
Инаку, учесниците на овој балкански натпревар решаваат четири проблемски задачи кои се бодуваат со по 10 поени.
Поените се одредуваат преку постапка на координација на координаторите од секоја екипа. Минатата година, олимпијадата се одржа во Албанија, а наредната според најавите, најверојатно ќе се одржи во Србија.