Fatjon Cuka
17 Септември 2021•Ажурирај: 22 Септември 2021
ТИРАНА
Парламентот на Албанија рано утрово изгласа доверба на новата Влада на премиерот Еди Рама, на кого ова му е трет мандат на чело на највисокото државно извршно тело на земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).
По неколкучасовната расправа во Парламентот, рано утрово се одржа гласање за новата Влада на Албанија и политичката програма на Советот на министри, кои беа поддржани од 77 пратеници, додека против гласаа 53, а еден беше воздржан.
Со одлука на албанскиот Парламент, Рама е назначен за премиер, а Арбен Ахметај за заменик-премиер и државен министер за обнова и реформи.

Олта Џачка е назначена за министерка за европски и надворешни работи, Нико Пелеши ќе го предводи Министерството за одбрана на Албанија, а Бледар Чучи ќе биде на чело на Министерството за внатрешни работи.
Министерка за финансии и економија е Делина Ибрахимај, на чело на Министерството за енергетика е Белинда Балуку, министерка за здравство и социјална заштита е Огерта Манастирлиу.
Министерка за образование е Евис Куши, министер за правда е Улси Мања, министерка за култура е Елва Маргарити. Министерка за земјоделство и рурален развој е Фрида Крифца, додека министерка за туризам и животна средина ќе биде Мирела Кумбаро Фурџи.
Во новиот состав на Владата на Албанија ќе има уште четири нови министерки. Елиса Спиропали е назначена за државна министерка за односи со Парламентот, Едона Билали ќе биде државна министерка за заштита на претприемништвото, Бора Музаќи министерка за млади и деца и Милва Економи ќе биде на чело на Министерството за стандарди на услуги.
Социјалистичката партија на Еди Рама победи на парламентарните избори на 25 април, со освоени 74 од вкупно 140 пратенички места.