Abdulbesar Ademi
01 Октомври 2021•Ажурирај: 02 Октомври 2021
СКОПЈЕ (АА) - Директорот на Државниот завод за статистика (ДЗС) на Северна Македонија, Апостол Симовски, истакна дека Пописот на населението, домаќинствата и становите во Северна Македонија заврши успешно и дека бројката на лица кои одбиле да се попишат е занемарувачка, пренесува Агенција Анадолија (АА).
На вчерашната прес-конференција по завршувањето на процесот на попишување кој започна на 5 септември, Симовски соопшти дека биле попишани вкупно 1.832.696 лица, 568.175 домаќинства и 837.255 станови.
„Пописот е целосно успешно спроведен. Земјата покажа дека има капацитет да спроведе ваква статистичка операција“, рече Симовски.
Тој нагласи дека е занемарувачка бројката на оние кои одбиле да се попишат, но дека деновиве ќе биде собрана оваа бројка и точно ќе се знае.
Според него, за нив има искази кај попишувачите и ќе бидат покренети постапки.
Симовски истакна дека во дијаспората биле попишани 204.805 граѓани на Северна Македонија, пред сѐ во земјите од Западна Европа.
Тој рече дека првин комисиите во пописните реони треба да ги финализираат завршните активности, како прибирање на лаптопите и останатите пописни материјали, а потоа ќе почне процесот на обработка на податоците според утврдена програма.
Симовски истакна дека резултатите од пописот се очекува да бидат објавени во рок од шест месеци од денот на завршување на пописот, односно до крајот на март следната година.