Dzihat Aliju
25 Ноември 2019•Ажурирај: 26 Ноември 2019
СКОПЈЕ (АА) - Поранешниот премиер на Непал, Мадхав Кумар Непал, истакна дека прашањето за Кашмир влијаело врз индиско-пакистанските врски и дека затоа е потребно проблемите да се решат на соодветен начин преку дискусија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Интернационалниот балкански универзитет (ИБУ) организира конференција на која како говорник и гостин на ИБУ во Северна Македонија пристигна поранешниот премиер на Непал, Мадхав Кумар Непал. Непал пред започнувањето на конференцијата одговараше на прашањата на новинарите.
На прашањето на новинарот на АА за последиците врз регионот и пошироко, откако Индија на 5 август донесе одлука со која го укинува членот 370 од индискиот Устав кој ѝ даваше специјален статус на областа Џаму и Кашмир, Непал изјави дека тоа влијаело врз индиско-пакистанските односи и дека затоа е потребно да се разговара за проблемите и на соодветен начин да се најде решение за нив.
Истакнувајќи дека е потребно изнаоѓање пат за решавање на проблемот, Непал посочи „Без соодветен дијалог, без соодветна логика, прашањата нема да бидат решени. Како Непал, земја-сосед, како членка на Асоцијацијата за регионална соработка на Јужна Азија (SAARC), и како дел од платформата за Јужна Азија, потребно е да изнајдеме решение за проблемот.“
На прашањето за правото на народот на Кашмир за самоопределување, Непал ја даде следната изјава:
„Меѓу Индија и Пакистан постои одреден проблем. Истото постои и меѓу Индија и Непал, меѓу Индија и другите земји членки на Асоцијацијата за регионална соработка на Јужна Азија. Затоа, ние како народ на Непал, доаѓаме во многу, многу тешка ситуација кога треба да се грижиме за сиве овие детали, бидејќи ние самите со регионот на Асоцијацијата за регионална соработка на Јужна Азија, особено со Индија, имаме сопствени проблеми.“
Велејќи дека војната и тензиите не се решение, Непал истакна дека е потребен дијалог за изградба на доверба и изнаоѓање на решение за проблемот.
Поранешниот премиер на Непал изјави „Ние во Непал изнајдовме една формула за мир и оваа формула за мир е прифатлива за секого. Од неа особена корист имаат луѓето, општеството и народот.“
Непал зборуваше и за влијанието на климатското затоплување врз Хималаите, истакнувајќи дека влијанието од топењето на снегот и ледот нема да се ограничи само на Непал, туку дека тоа ќе го почувствуваат и Индија и Бангладеш, набројувајќи ги тука и островските и крајбрежните држави.
Осврнувајќи се на темата со која учествува на конференцијата, Непал рече дека во неговото обраќање ќе зборува за иднината на светот - зелена и паметна, додавајќи дека ќе ги покаже ефектот и резултатите од тоа.
Посочувајќи на среќата на луѓето, Непал продолжи со зборовите „Среќата има два аспекта, едниот е материјален, а вториот е духовен. Затоа е потребно да обезбедиме општеството и народот да се развиваат во секоја насока.“
На конференцијата што Интернационалниот балкански универзитет ја организираше на тема „Иднината на светот: зелена и паметна“ учествуваа претседателот на Одборот на доверители на ИБУ, Ајдоган Адемоски, ректорот на ИБУ Мехмет Дурсун Ердем, координаторот на Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) - Скопје, Ајтекин Ајден, претставници на турски институции и организации во земјата, професори, студенти.
- Укинувањето на специјалниот статус на Џаму и Кашмир -
Територијата на Џаму и Кашмир по повеќе од половина век ја загуби автономијата и поделена е на два дела, откако Индија на 5 август го отповика членот 370.
Целата територија на 31 октомври официјално е поделена на две подрачја, на Џаму и Кашмир и на Ладак, врзани за централната индиска власт.
По оваа одлука индиските безбедносни сили ги интензивираа операциите за јавен ред во Џаму и Кашмир, зголемувајќи го притисокот врз народот и ги приведоа сите раководители и членови на политичките партии од целиот регион.
Од добивањето независност од Британија од 1947 година досега, Џаму и Кашмир имаше привилегиран статус со кој можеше да донесува сопствени закони.