Derya Gülnaz Özcan
23 Септември 2022•Ажурирај: 24 Септември 2022
АТИНА
Прекинот на испораката на природен гас од Русија во Европа по воведените економски санкции, ги поттикна граѓаните на Грција да бараат алтернативни опции за греење, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во услови на поскапување на природниот гас и струјата во Грција, почна да расте и цената на дрвото, кое стана опција за да ги задоволи потребите за енергија.
Цените на дрвото во Грција варираат по региони. Тие се зголемија за 30 до 70 проценти.
Во големите градови каде што употребата на печки и камини е отежната поради инфраструктурата, цените на дрвото делумно се зголемени. Во градовите како средство за греење се користи мазутот, природниот гас или електричната енергија. Побарувачката за дрво е зголемена повеќе во селата и северниот дел на Грција.
‒ „Бугарија го намали извозот на дрво“
Ахмет Јуксел, продавач на дрва од Ѓумурџина, за Агенција Анадолија (AA) истакна дека земјите кои испорачуваат дрва на Грција, како што е Бугарија, исто така ја имаат намалено понудата поради загриженоста што произлегува од енергетската криза и зголемената побарувачка.
Наведувајќи дека намалувањето на понудата влијае на зголемувањето на цената, Јуксел рече дека друга причина за зголемувањето на цената е зголемената побарувачка на дрва и пелети низ европските земји.
‒ „Побарувачката особено е зголемена во селата“
Наведувајќи дека побарувачката особено е зголемена во селата, Јуксел додаде: „Цената на дрвата се зголемија, и тоа речиси двојно. Еден кубен метар дрва што лани го продававме за 70 евра, годинава го продаваме за 125 евра.“
Јуксел оцени и дека граѓаните може да се свртат кон дизел-гориво поради стимулативниот пакет на Владата во текот на годината.
‒ Пораснаа и трошоците за печки
Еркан Топчу, производителот на печки во Западна Тракија, еден од студените региони на Грција, исто така изјави дека побарувачката за дрва, пелети и печки е зголемена поради поскапувањата забележани кај природниот гас, мазутот и електричната енергија во последните две години.
„Кога парното работи, сите соби се загреваат, тоа има поголема цена. Со шпоретот трошоците за греење може да се одржат на ниско ниво бидејќи ќе грееш само една соба“, нагласи Топчу.
Потсетувајќи на поскапувањето на железото низ светот, Топчу рече дека поради оваа причина се зголемени трошоците за печките.
‒ „Природниот гас поскапе за десетпати во споредба со пред две години“
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на прес-конференцијата одржана на 11 септември во рамки на Меѓународниот саем во Солун изјави дека Владата ќе спроведе програми за поддршка за борба против енергетската криза.
„Има голем проблем со природниот гас. Цените се зголемени за десетпати во споредба со пред две години“, рече Мицотакис.