Fatjon Cuka
23 Октомври 2019•Ажурирај: 24 Октомври 2019
ТИРАНА (АА) - Генералниот директорат на албанската полиција изјави дека во Албанија е откриена „терористичка мрежа раководена од иранскиот режим“ и според полицијата, целта на оваа мрежа била „да изврши напади врз иранското опозициско движење „Муџахедин ел Калк“ (MEK)“, пренесува Anadolu Agency (AA).
Генералниот директор на албанската полиција, Арди Велиу, во изјава за медиумите потврди дека неодамна албанските безбедносни институции откриле терористичка мрежа и активна терористичка ќелија на Одделот за надворешни операции на иранските сили КУДС.
„Терористичката ќелија, исто така, меѓу другото, е одговорна за нејзиниот план од март 2018 година за извршување терористички чин за време на прославите на празникот Невруз, на кој присуствуваа високи членови на иранската опозициска организација МЕК, план којшто беше спречен со зголемените мерки на државната полиција, благодарение на точните информации“, рече Велиу.
Генералниот директор на албанската полиција истакна дека терористичката ќелија ја води оперативниот член на КУДС, познат како Пејман, кој според Велиу е постојан жител на Иран и оддалеку управува со голем број операции во Албанија и на други места во Централна и Западна Европа.
Според изјавата, еден од овие оперативци е Алиреза Нагашзаде, ирански државјанин кој и самиот е поранешен член на МЕК и има австриски пасош, кој бил испратен од Пејман „да собере информации во Албанија за време на некои одделни посети како дел од плановите за нападот што на крајот беше спречен“.
„Друг оперативец е Абдолхалег Малек Заде, ирански државјанин кој живее во Турција и ја водел оперативната ќелија. Заде, познат по криминални врски под прекарот „Ферхат“, продолжи да работи изминатите две години со Абдулселам Тургут, позната фигура во турскиот организиран криминал, за да планира терористички напади по наредба на Пејман и силите КУДС. Тургут, познат како турски мафијашки шеф и шеф на моќна меѓународна мрежа за трговија со дрога, неодамна беше лишен од слобода во Азербејџан и Турција под обвинение за трговија со дрога“, истакна Велиу.
Во соопштението се вели дека во 2011 година, Тургут исто така бил лишен од слобода во Албанија со обвиненија поврзани со наводна трговија со околу 1 тон хероин, но избегал од земјата користејќи лажен пасош, откако судот ја преиначил неговата безбедносна мерка од „притвор“ во „домашен притвор“.
Албанската полиција истакна дека албанските власти ги идентификувале овие лица и со информациите добиени од информатори од рамките на криминални организации, албанските власти успеале „да го спречат планот во март 2018 година и евентуалните планови за напади од фигури на организираниот криминал кои го имале за цел МЕК, во име на иранскиот режим“.
Во изјавата се вели дека силите КУДС се оперативно крило на Исламската револуционерна гарда и се истакнува дека тие работат надвор од границите на Иран. Во неа исто така се вели дека силите КУДС ги води Касим Сулејмани, кој меѓу другото е одговорен за активностите на иранската тајна оперативна единица во Јемен, Ирак, Сирија и Либан.
Потсетуваме дека во последниве години во координација со Обединетите нации и САД, Албанија има примено и засолнето илјадници членови на МЕК.