Admir Fazlagic
06 Март 2018•Ажурирај: 07 Март 2018
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев попладнево имаше телефонски разговор со генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што соопштуваат од прес службата на Владата на Република Македонија генералниот секретар на ОН, Гутереш, ги поздравил реформите што ги прави Владата, вклучително и позитивниот пристап на Македонија во односите со соседите.
Позитивно е оценет Договорот со Бугарија, во којшто се гледа и придонес за односите меѓу соседите во регионот, освен како подобрување на билатералните односи помеѓу двете држави.
Генералниот секретар, Гутереш, во име на ОН ги поддржа разговорите што се водат со Грција под под покровителство на медијаторот Метју Нимиц. Тој оцени дека постои позитивна динамика и можност да се дојде до взаемно прифатливо решение, соопштуваат од Владата на Македонија.
Генералниот секретар на ОН, Гутереш најавил дека ќе разговара и со грчкиот премиер Ципрас и рече дека ги охрабрува двајцата премиери и владите на двете држави да продолжат да работат во насока на решавање на долгогодишниот спор.
Претседателот на Владата на Република Македонија, Заев, се заблагодарил на генералниот секретар на ОН, Гутереш и за ангажманот на медијаторот Нимиц, кој долго работи на изнаоѓање взаемно прифатливо решение.
Од Владата информираат дека премиерот Заев оценил дека Договорот со Бугарија ги подобрил билатералните односи, и придонел кон зголемување и на трговската размена меѓу двете држави, но даде и охрабрување „да се влезе во надминувањето на проблемот што го има Република Грција со уставното име на Република Македонија".
Во телефонскиот разговор со генералниот секретар на ОН, Гутереш, премиерот Заев изразил надеж дека ќе се најде взаемно прифатливо решение и дека тоа ќе биде добро и за двете држави, но и за целиот регион.
„Да престанеме да се занимаваме со минатото и да работиме заедно за подобра заедничка иднина“, додаде премиерот Заев.
Премиерот Заев во разговорот се заблагодари за континуираната поддршка на Обединетите нации и УНДП во развојот на Република Македонија, велат од Владата.