Hayati Akçay
21 Февруари 2016•Ажурирај: 22 Февруари 2016
ОРДУ (АА) - Заменикот на турскиот премиер и портпарол на турската влада Нуман Куртулмуш, изјави дека се преземени сите неопходни активности и дека денес се ослободени тројца новинари на Anadolu Agency (AA) кои терористите на ПКК ги киднапираа во петокот, во југоисточната провинција Мардин, јавува Anadolu Agency (AA).
„Целиот случај внимателно го следевме од почетокот и во изминатиот период се преземени потребните активности. Денес се ослободени тројца вредни новинари на АА и првин им посакуваме што побрзо да се опорават и да ѝ се вратат на својата работа”, изјави Куртулмуш на насобраните новинари на аеродромот „Орду Гиресун”.
Куртулмуш, исто така, рече дека новинската агенција АА, како и досега, ќе продолжи со својата задача за веродостојно, брзо и непристрасно известување на јавноста за случувањата ширум светот.
Паралелно со тоа, турскиот премиер Ахмет Давутоглу, телефонски разговараше со тројцата ослободени новинари на АА и им посака брзо опоравување од шокот и среќа во понатамошната работа.
Тој претходно во врска со киднапирањето на новинарите разговараше со претседателот на Управниот одбор и генералниот директор на АА, Шекол Казачџи.
И турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, телефонски разговараше со ослободените новинари и им изрази поддршка за работата, а го осуди терористичкиот чин на нивното киднапирање.
Терористи на ПКК во петокот киднапираа репортерска екипа на АА која од минатата недела била задолжена за известување од Нусејбин. Киднапирани се новинарот Рауф Малташ (1985), фоторепортерот Онур Чобан (1980) и камерманот Кенан Јешилјурт (1983).
Тие денес се ослободени и преземени од претставниците на Народната демократска партија (HDP) во Мардин, Али Аталан и Ферхат Курт, заедно се делегацијата. Новинарите се одведени во полициската станица во местото Нусајбин, во Мардин, со цел да се откријат повеќе детали за овој настан.
Станува збор за искусен тим на новинари кои се обучени во областа на военото новинарство и кои досега известуваа за настаните од кризните региони во Авганистан, Египет, Либија, Тунис, Јемен, Сирија и други земји.