Vesna Besiç,Amina Zorniç
22 април 2016•Ажурирај: 23 април 2016
САРАЕВО (АА) - Балканската музичка ѕвезда Един Дервишхалидовиќ познат на сцената како Дино Мерлин, по повеќе од осум години, во сабота за прв пат ќе настапи во Истанбул, Турција, во склоп на светската турнеја „Хотел Национал". Концертот ќе биде одржан во арената „Ора” во Истанбул.
Дино Мерлин, минатиот месец, по настапот во Арената во Зеница, настапи во Осијек во до последно место пополнетата сала пред повеќе од 8.000 фанови. Секако, тој не престанува тука, продолжува со концертите кои повторно ги воодушевуваат не само фановите на соседните земји туку и пошироко.
Во разговор за Аnadolu Agency (AA) зборуваше за неговите планови, но и за концертот во Истанбул.
„Оваа недела за прв пат по речиси осум години ќе одржиме концерт во Истанбул. Ова лето нè очекуваат големи натпревари на големите терени - стадионите во Суботица, Охрид, Нови Пазар, Тузла, Бихаќ и многу други. Многу сме задоволни со досегашниот тек на турнеите, но има уште многу места кои не сме ги посетиле а сакаме да ги посетиме", изјави Дино Мерлин.
Албумот „Хотел Национал", кој е објавен 2014 година, според музичката "Billboard World Albums" топ-листа се најде меѓу првите десет најпродавани албуми во светот, со што балканската ѕвезда Дино Мерлин стана единствен уметник од регионот на кој тоа му успеало.
Босанскиот пејач изрази благодарност што овој албум наишол на ваков успех.
„Многу сум благодарен за успехот на последниот албум. Јас во оваа работа не се брзам. Ова е маратон во кој секој преземан чекор служи да бидам подобар отколку што сум бил со претходниот чекор, а тоа го постигнувам така што на мојата верна публика ѝ го давам најдоброто од себе. Сакам да верувам дека во секој албум сум успеал да се надминам самиот себе, а публиката тоа го препознава", истакна Дино.
Зборувајќи за очекувањата од концертот во Истанбул, босанскиот пејач изјави дека се радува на повторната средба со публиката во Турција.
„Години минуваат помеѓу настапите во ист град, така што со публиката почнуваме да си недостасуваме. Мојата публика е мојот најдобар гостин", порача Дино Мерлин.
На прашањето зошто толку многу се чекаше на овој концерт во Истанбул, тој изјави дека „продукциските барања за турнејата како и самата големина на концертите кои се одржуваат во арените на градовите не оставаат доволно време во годината за почесто одржување концерти, отколку што тоа сега го прават".
„За време на оваа турнеја веќе посетивме повеќе од 50 градови а има уште толку кои уште не сме ги посетиле. Е тогаш ќе можеме да правиме втор круг", појасни Дино Мерлин.
Тој зборуваше за соработката со турските музичари, а познато е и дека често престојува во таа земја
„Турција е земја која ме инспирира, а Истанбул ми е еден од најомилените градови. Мелодијата на турските музичари ме воодушевува. На последниот албум имав чест еден од најдобрите светски кларинетисти Хусну Шенлендиричи, да ми украси две песни, „ Ружа" и „Сè додека те има". Во последните неколку години соработувавме со многу талентирани турски музичари, од Мустафа Сандал до многу други, а во иднина ќе соработуваме и со нови имиња”, раскажа Дино Мерлин за АА.
Босанскиот пеjач е популарен и меѓу косовската публика која редовно ги посетува неговите концерти во земјите од регионот, а на прашањето дали има во план и прв концерт во Косово, Мерлин порача дека ќе работи на концерти каде и да има луѓе кои сакаат да ги слушаат неговите песни и каде промоторите се подготвени да ги исполнат нивните продукциски барања.