СКОПЈЕ (АА) – Во Скопје се одржа прес-конференција по повод 43-тото издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, што ќе трае од 19 до 26 август во Битола, јавува Агенција Анадолија (АА).
Дел од прес-конференцијата беа Симеон Мони Дамевски, директор на Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“, Марија Апчевска, селектор на краткометражна натпреварувачка играна програма, Слаѓан Пенев, селектор на долгометражна играна натпреварувачка програма, Ѓорѓи Пулески, селектор на студентската натпреварувачка играна програма, и Тоше Ивановски, менаџер и организатор на ОФФЕСТ-програмата во Битола.
Директорот на Фестивалот, Симеон Мони Дамевски, истакна дека особено го радува дека вредноста и значењето на Фестивалот се препознава и тоа што оваа година се значително подобрени условите за организирање на Фестивалот.
„Годинава ги имаме сите предуслови за добар фестивал. Кога велам сите, прво имаме проширена програма која вклучува неверојатни филмски остварувања од најголемите светски фестивали, имаме исклучителни гости од светското ниво кои сами се јавуваат да прашаат дали можат да дојдат во Битола на два-три дена, имаме врвни ѕвезди како наши лауреати, имаме многу забави. За прв пат со ребалансот на буџетот на Фестивалот му се доделени доволно пари за да обезбеди сè“, истакна директорот на Фестивалот, Дамевски.
Фестивалот ќе се одвива на три локации. Главната е Домот на култура во Битола, втората локација е Киното Манаки, и Офицерскиот дом. Гости на Фестивалот ќе бидат актери, кинематографери и познати лица од домашно, регионално и светско ниво.
„Најавени се гостувања на наши регионални ѕвезди, од Австрија позната телевизиска глумица сака да дојде и да биде присутна, Мелиса Созен, познатата турска глумица, се спомнуваат и други турски имиња од телевизиските серии, најавено е дека (Драган) Бјелогрлиќ може да дојде, Срѓан Драгојевиќ ќе биде од Србија, а работиме да се појават и некои ѕвезди од Босна (БиХ)“, информираше директорот на Фестивалот, Дамевски.
Слаѓан Пенев, селектор на долгометражна играна натпреварувачка програма, истакна дека оваа година во главната програма има 14 филмови, што е голема разлика во однос на претходната година кога биле во прашање 10 филмови.
Марија Апчевска, селекторка на краткометражна натпреварувачка играна програма, рече дека оваа година има 12 кратки филмови, а фокусот бил ставен на тоа да се измешаат веќе докажаните имиња и филмови кои веќе имале премиера на големи филмски фестивали со филмовите на помлади автори за коишто допрва ќе се слуша и нивните филмови ќе бидат гледани.
Ѓорѓи Пулески, селектор на студентската натпреварувачка играна програма, информираше дека проширувањето на студентската програма од регионални во европски рамки е најголемата новост оваа година и додаде дека програмата се состои од еден македонски филм, пет балкански филмови што доаѓаат од Словенија, Грција, Косово и Хрватска, а другите филмови се од остатокот од Европа.
Фестивалот е сопственост на Друштвото на филмските работници на Северна Македонија, а покровител на Фестивалот е претседателот Стево Пендаровски. Најголемата поддршка Фестивалот ја добива од Министерството за култура, а покрај Министерството има поддршка и од градот Битола, неколку приватни компании, како и од турскиот културен центар „Јунус Емре“.
Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ е најстариот филмски фестивал посветен на креативноста на кинематограферите. Првото издание на Фестивалот се одржало во 1979 година, а инспирацијата да се основа Фестивалот е да се оддаде чест на фотографскиот и кинематографски опус на браќата Манаки, Јанаки (1878-1954) и Милтон (1880-1964).
news_share_descriptionsubscription_contact
