Agim Sulaj
06 Октомври 2026•Ажурирано: 06 Октомври 2026
Илјадници граѓани и денес се собраа пред Собранието и Владата на Косово, барајќи од пратениците од 11. законодавен состав да го усвојат во второ читање Законот за Специјализираните совети, јавува Анадолу.
Платформата „Не во мое име“ ги повика граѓаните да се соберат на плоштадот за да побараат отчет и одговорност од пратениците во заштитата на вредностите на Ослободителната војска на Косово (ОВК).
Исто така, од 9 часот наутро и Организацијата на воените ветерани на ОВК ги повика припадниците произлезени од војната на ОВК и граѓаните да се соберат, нагласувајќи дека „треба да бидат обединети и достоинствени“.
Члирим Хазири од платформата „Не во мое име“ најави дека протестот нема да запре доколку денес не се реши прашањето за претседателот, со што земјата би отишла на избори.
Хазири, на почетокот на протестот на плоштадот Скендербег во Приштина, рече дека нема да дозволат да има кампања, ниту вообичаени собири доколку не се постигне договор за претседателот.
Тој понатаму ги обвини премиерот Албин Курти и министерот за внатрешни работи Џелал Свечла за насилство врз демонстрантите преку полицијата.
Синоќа, по гласањето во прво читање на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Специјализираните совети на Косово, не беше постигнат договор меѓу лидерите на партиите Движење Самоопределување и Демократска партија на Косово тој да биде изгласан и во второ читање, поради што ескалираше протестот надвор од просториите на Собранието.
Косовската полиција во соопштението со податоци од протестот наведе дека шестмина полициски службеници се повредени и добиле медицински третман, а 11 демонстранти, исто така, побарале медицинска помош.
Како што се наведува понатаму во соопштението, косовската полиција интервенирала со солзавец, вклучително и со воден топ за да ги растера демонстрантите, со цел да се спречи натамошна ескалација на ситуацијата.
На 16 септември Хашим Тачи и Јакуп Красниќи беа прогласени за виновни и осудени на по 25 години затвор, Кадри Весели беше осуден на 18 години затвор, а Реџеп Селими на 13 години затвор од Специјализираните совети.
Поранешните лидери на ОВК беа осудени за воени злосторства, вклучително и незаконско или произволно притворање, сурово постапување, тортура и убиства.