Fatjon Cuka
14 Јануари 2018•Ажурирај: 15 Јануари 2018
ТИРАНА (АА) - Премиерот на Албанија, Еди Рама, во својот говор на настанот организиран за 26-годишнината на Младинскиот форум на Социјалистичка партија на Албанија (FRESSH), зборуваше за донесувањето на Законот за употреба на јазиците во Македонија којшто беше изгласан во Палрламентот на Република Македонија, јавува Anadolu Agency (АА).
На настанот одржан во спортската сала „Аслан Руси“ во Тирана се собраа млади луѓе од цела Албанија, пратеници на Социјалистичката партија на Албанија, како и лидери на оваа политичка партија.
Во својот говор, Еди Рама, кој воедно е и претседател на Социјалистичката партија се осврна на изгласаниот Закон за употреба на јазиците во Република Македонија.
„Пред неколку дена во Собранието на Република Македонија се донесе закон кој не можеше да се замисли до пред некое време, денеска треба да бидат горди сите оние кои ја гласаа, поддржаа и веруваа во оваа партија, бидејќи без неа, денеска во Македонија немаше со закон да биде официјализиран албанскиот јазик. За Охридскиот договор зборуваше секоја влада на Албанија претходно, рецитираа за него секогаш кога беа пред микрофонот, но тоа што беше потребно е новиот пристап, новата политика за односи со соседите и создавањето на вистинското убедување дека ние не сакаме само со зборови, туку и со факти Македонија да биде силна, стабилна, демократска, развиена, во благосостојба и во хармонија меѓу двата народи кои ја сочинуваат, за да дојдеме до овој ден“.
Потсетуваме, во текот на минатата недела Собранието на Република Македонија го изгласа Законот за употреба на јазици. Според законот, се предвидува во сите државни органи на Република Македонија, покрај македонскиот јазик, официјален јазик да биде и јазикот кој го говорат 20 отсто од граѓаните во Македонија и неговото писмо, во случајот албанскиот јазик.