Admir Fazlagic
08 Февруари 2021•Ажурирај: 09 Февруари 2021
СКОПЈЕ
Министерот за здравство на Република Северна Македонија, Венко Филипче, го потпиша договорот за набавка на вакцини против Ковид-19 од кинескиот производител „Синофарм“. Со договорот, Република Северна Македонија обезбедува 200.000 вакцини од кинеската компанија „Синофарм“, што ќе пристигнат во месец февруари, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Како што соопшти Министерството за здравство на Северна Македонија, точниот датум на пристигање и сите информации поврзани со испораката се очекува да бидат утврдени во следните денови.
Во соопштението се наведува дека Министерството за здравство ја почитува одредбата од договорот за тајност, што е во согласност со глобалната политика на сите компании за производство на вакцини, вклучително и на „Синофарм“, а податоците што ги содржи договорот остануваат доверливи.
„Вакцините од Кина во нашата земја ќе пристигнат на аеродромот во Скопје. Направен е детален план за транспорт на вакцината од аеродром до економските оператори (веледрогерии) кои се задолжени за складирање на количините, а потоа и план за дистрибуција до вакциналните пунктови каде ќе се спроведува вакцинацијата. Изминатата недела се вршеа премери на волуменот на ладните соби за чување, а се вршеше и проценка на капацитетите за складирање на целата количина“, се вели во соопштението.
Како што информираат од ресорното министерство, вакцината на Синофарм се чува и дистрибуира на температура од 2 до 8 степени, а вакцините се пакувани во претходно наполнет шприц, што ја олеснува и самата апликација на вакцината.
„Овој тип на вакцини има оптимален однос помеѓу безбедноста и ефикасноста, поради тоа може да се даваат на сите граѓани, без ограничување по кој било основ. Конкретно за оваа вакцина на Синофарм, термините за вакцинација во ЈЗУ ќе бидат на 10 минути, по пациент. ЈЗУ ќе работат во две смени со цел да се постигне што повисока стапка на вакцинација на дневно ниво. Според Националниот план за вакцинација против Ковид-19, први ќе се вакцинираат здравствените работници од ковид-центрите, матичните лекари и останатите вработени во матичните ординации, вработените во Итна помош и другите здравствени работници опфатени во првата група од Фаза 1, како и возрасните граѓани над 70 години“, стои во соопштението.
Се додава дека сите вакцини, што се на пазарот, се развиени на безбедни платформи, односно се безбедни за граѓаните. Производителите на вакцини имаат документи од нивните национални агенции, а некои производители дополнително се регистрирани и од европското и американското регулаторно тело за квалитет на лекови.
„Воведувањето на Ковид-19 вакцинацијата ќе одигра клучна улога во намалување на штетните ефекти врз здравјето на популацијата и општеството воопшто, јакнење на колективниот имунитет во услови на пандемија. Имунизацијата е силно оружје во борба со коронавирусот, но и покрај тоа, здравствените мерки за лична заштита задолжително треба и понатаму да се почитуваат“, порачуваат од Министерството за здравство на Северна Македонија.