Furkan Abdula
09 Август 2020•Ажурирај: 10 Август 2020
СКОПЈЕ
Во Северна Македонија пронајдени се 94 мигранти со потекло од Сирија, Авганистан, Ирак и Пакистан, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на Министерството за внатрешни работи (МВР) се вели дека на 08.08.2020 во вечерните часови на регионалниот пат Радовиш-Штип при сообраќајна контрола од полициски службеници било дадено знак за запирање на товарно моторно возило со скопски регистарски ознаки управувано од засега непознато лице, кое било во придружба со уште едно лице.
Според ова соопштение, возачот го запрел товарното возилото по што веднаш со сопатникот се дале во бегство во непознат правец.
„По овластување на Јавен обвинител извршен бил увид на местото на настанот , при што било утврдено дека во товарниот простор на возилото се превезуваат 94 странски државјани-мигранти (државјани на Сирија, Авганистан, Ирак, Пакистан)“, се наведува во соопштението на МВР.
Се истакнува дека лицата се предадени на полициски службеници од Регионалниот центар за Гранични работи-Исток за понатамошна постапка, а по возачот на товарното возило и сопатникот се трага.