ПРИШТИНА (АА) - Во Косово денес е последниот ден од предизборната кампања по којашто на полноќ почнува изборниот молк пред предвремените парламентарни избори што треба да се одржат в недела, на 11 јуни, јавува Anadolu Agency (AA).
Тоа ќе бидат шестите по ред парламентарни избори во Косово, по војната во 1999 година, на коишто право на глас ќе имаат нешто повеќе од 1,8 милиони граѓани. Централната изборна комисија (ЦИК) за овие избори верификуваше вкупно 26 политички субјекти, од коишто пет од албанската заедница и 21 од малцинските заедници.
До избори дојде откако во косовското Собрание на 10 мај беше изгласана недоверба на Владата којашто две и пол години ја водеше Иса Мустафа. Неможноста за ратификување на Договорот за демаркација на границите со Црна Гора, што е преостанат услов за добивање на визна либерализација за граѓаните на Косово, беше една од главните причини за распаѓање на владејачката коалиција.
Иако опозицијата беше иницијатор за рушење на Владата, Владата падна со гласовите на пратениците од Демократската партија на Косово (PDK) на Кадри Весели, која беше дел од владејачката коалиција заедно со Демократскиот сојуз на Косово (LDK), Иса Мустафа.
Мошне неочекувано, по распишувањето на предвремените избори се случи формирање на голема коалиција на албанските партии, кои настанаа од таканареченото воено крило. Демократската партија на Косово склопи коалиција со опозициските партии Алијанса за иднината на Косово (AAK), на Рамуш Харадинај, и Со иницијатива за Косово (Nisma), на Фатмир Лимај, а за премиер е кандидиран лидерот на Алијансата, Рамуш Харадинај.
Од друга страна, формирана е коалицијата Демократски сојуз на Косово, на Иса Мустафа, Алијанса за ново Косово (AKR) на Беџет Пацоли и Алтернатива, на Мимоза Кусари-Лила. Мустафа се откажа од повторната кандидатура за премиер и местото го препушти на својот близок партиски соработник Авдулах Хоти, досегашен министер за финансии.
Досега најголемата опозициска партија, Движењето „Самоопределба“, на изборите излегува сама и нејзин кандидат за премиер е Албин Курти, високо официјално лице и основач на тоа движење.
Десетдневната предизборна кампања протече воглавно мирно, без говор на омраза и со неколку инциденти во српската заедница.
Албанските политички субјекти на граѓаните за време на предизборната кампања им ветија многу работи, од зголемување на платата и пензиите, побрз развој на земјоделството и отворање на нови работни места, до формирање на косовска војска и побрза либерализација на визиите. Кандидатите за премиер, Харадинај и Курт, најавија и дека прашањето за демаркација на границата со Црна Гора ќе го почнат од почеток, а Хоти нагласи дека тоа прашање треба да се реши со национален консензус.
Интересно е и тоа што на овие избори, за разлика од претходните во 2014 година, косовските Срби излегуваат разединети, со шест различни изборни ливчиња, но Белград ја поддржа само „Српската листа“. Тоа доведе до многу тензии во српската заедница, особено во северниот дел на Косово, поточно во општина Лепосавиќ, од каде што се двајцата главни лидери Срби, Славко Симиќ, челник на Српската листа и Александар Јаблановиќ, лидер на новоформираната партија, Партија на косовските Срби. Јаблановиќ беше приведен во полиција поради тоа што вперил пиштол во активисти на „Српската листа“, кои претходно ги украдоа изборните плакати на неговата партија.
Истовремено, амбасадорот на САД во Косово, Грег Делави, изјави дека интерес на неговата земја е изборите во Косово да бидат слободни и веродостојни, без каков било вид на политички закани и насилства.
Истовремено, шефицата на Канцеларијата на ЕУ во Косово, Наталија Апостолова, ги повика граѓаните на Косово в недела, на 11 јуни, масовно да излезат на предвремените парламентарни избори и да гласаат за своите политички претставници, за да не одлучуваат другите во нивно име. Претставниците на меѓународната заедница во Косово, исто така константно ги повикуваат граѓаните да не гласаат за кандидати кои се вмешани во корупциски активности.
Во северниот дел на Косово, каде што во поголем број живее српското население, техничка помош на ЦИК за време на изборите ќе им даде Мисијата на ОБСЕ. Пребројувањето на гласовите ќе се изврши во гласачките центри и потоа изборниот материјал, како и од сите други делови на Косово, ќе биде пренесен во Центарот за пребројување во Косово Поле.
Изборите ќе ги набљудуваат потврдени политички субјекти, домашни и странски невладини организации и медиумите. Досега се акредитирани речиси четири илјади набљудувачи, а од ЦИК очекуваат нивниот конечен број да биде околу пет илјади. Меѓу нив се и околу 100 набљудувачи од Изборната набљудувачка мисија на ЕУ, предводени од главниот набљудувач Алојзо Петерлео.
Државјаните на Косово кои живеат во странство ќе можат да гласаат на изборите преку пошта, доколку се пријават во одреден рок кој Централната изборна комисија (ЦИК) го одреди за таа услуга. ЦИК ќе распореди мобилни тимови коишто овозможуваат гласање за гласачите со посебни потреби, кои поради инвалидитетот, здравствената состојба или од други причини не можат да го напуштат својот дом.
На денот на изборите, гласањето ќе биде можно во период од седум до 19 часот. Гласачите ќе имаат можност да гласаат само за еден од политтичките субјекти, како и за најмногу петмина кандидати од истиот субјект. Првичните резултати од изборите ќе можат да се следат на интернет-страната на ЦИК, неколку часа по затворањето на гласачките места.