Gorana Jakovljevic
27 Мај 2023•Ажурирај: 28 Мај 2023
БЕЛГРАД (АА) - На вонредното Собрание на Српската напредна странка (СНС) во Крагуевац, Србија, за претседател на партијата е избран Милош Вучевиќ откако од функцијата се повлече досегашниот претседател Александар Вучиќ, јавува Анадолу.
Новиот претседател на СНС во говорот пред партиското собрание рече дека политиката нема да се менува и дека и понатаму ќе биде мотор на развојот на Србија.
Вучевиќ му се заблагодари на Вучиќ за, како што рече, „11 години одлично раководење на партијата и борбата, пред сѐ, за Србија и Српската напредна странка како мотор на развојот на Србија“.
„За нас ова не е дисконтинуитет, туку единствена приказна, отвораме ново поглавје во нашата книга. Нашата политика нема да се менува, ние остануваме партија мотор на развојот на нашата татковина, но и партија што ги негува и чува традиционалните вредности на српскиот народ, на сите граѓани на Србија, која политички ќе се залага за зачувување на Косово и Метохија во составот на Србија, која ќе води сметка за интересите на српската заедница каде и да живее, пред сѐ, на просторот на поранешна Југославија, и партија што ќе биде најдоверлив партнер на претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ“, рече Вучевиќ.
Додаде дека СНС го поддржала предлогот на Вучиќ партијата да учествува во формирањето на Движењето за народот и државата, односно Народното движење.
„Многу поконкретно за тоа прашање ќе може да видите кон крајот на јуни“, додаде Вучевиќ.