Zlatan Kapic
12 Август 2022•Ажурирај: 15 Август 2022
БЕЛГРАД (АА) - Владата на Република Србија донесе одлука за укинување на забраната за извоз на сите видови масла по целосниот увид на состојбата на залихите, но и на рекордните површини со засаден сончоглед, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Надлежните институции ќе продолжат да ја следат ситуацијата на пазарот и во согласност со тоа ќе преземаат соодветни мерки. Приоритет секако ќе биде во прв ред да се задоволат сите потреби на населението. Владата во претходниот период ги укина и забраните за извоз на сите видови житарици кои беа под мерките на ограничен извоз“, соопштено е од Владата на Србија по вчерашната седница.
На седницата е усвоена и одлуката за привремено намалување на износот на акцизата на одредени нафтени деривати за 10 отсто. Оваа одлука ја донесе Владата имајќи ја предвид актуелната ситуација со цената на суровата нафта на светскиот пазар која негативно влијае на макроекономската стабилност во земјата, со цел редовно снабдување на пазарот со нафтени деривати, зачувување на стандардот на граѓаните, како и зачувување на економската стабилност.
На вчерашната седница донесена е изменета одлука за привремената забрана на извозот на евродизел ЕН 590 со која забраната се продолжува за уште седум дена.
Со донесувањето на оваа мерка се спречуваат можните штети за економијата и граѓаните со оглед на тоа што енергетската криза на светскиот пазар и понатаму предизвикува закана од појава на критичен недостиг на оваа стока важна за граѓаните на Република Србија.