Dejan Maksimovic
04 Јуни 2021•Ажурирај: 04 Јуни 2021
БЕЛГРАД (АА) - Александар Вучиќ, претседателот на Република Србија, денеска се состана со Петер Сијарто, министерот за надворешни работи на Унгарија, со кого разговараше за понатамошното унапредување на билатералната соработка, европскиот пат на Србија, борбата против пандемијата, транзитните капацитети, снабдувањето и користењето на гас, како и стратешкото партнерство на двете земји во бројни области, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Вучиќ ги оцени политичките односи на Србија и Унгарија како најдобри во историјата. Истакна дека важен придонес кон унапредување на билатералните односи даде исклучително личниот и пријателски однос со Виктор Орбан, претседателот на Владата на Унгарија.
„Вучиќ ги пофали мерките кои Владата на Унгарија со голема решителност ги спроведува од почетокот на пандемијата, со цел спречување на нејзиното понатамошно ширење и заштитата на здравјето на граѓаните и зачувувањето на економијата“, наведоа од Кабинетот на српскиот претседател.
Говорејќи за европските интеграции на Србија, Вучиќ ѝ се заблагодари на Унгарија за силната и континуирана поддршка која ја пружа на највисоко политичко ниво, но и преку бројни програми на обуки, развојна помош и испраќање експерти кои ѝ помагаат на Владата на Србија во процесот на ЕУ-интеграциите.
„Особено сме благодарни за личните заложби на министерот Сијарто и највисоките функционери на Унгарија кои во сите пригоди истакнуваат дека Србија мора што поскоро да ѝ се придружи на ЕУ“, нагласи Вучиќ, и додаде дека Србија останува посветена на европскиот пат и спроведувањето на реформите кои доведоа до тој процес.
Сијарто посебно ги нагласи исклучителните односи со Србија, како и блиската соработка и пријателските односи на двете земји кои повторно ги потврдија преку исклучителната солидарност и разбирањето во текот на борбата против пандемијата на Ковид-19.
„Можете да сметате на континуирана поддршка на Унгарија во процесот на европските интеграции“, истакна Сијарто, и подвлече дека и понатаму ќе се унапредува соработката помеѓу Србија и Унгарија преку бројни заеднички активности во многу области, и дека ќе се подигне на ниво на стратешко партнерство.