Furkan Abdula
27 Јануари 2023•Ажурирај: 28 Јануари 2023
СКОПЈЕ (АА) – Министерката за одбрана на Северна Македонија, Славјанка Петровска, денеска го пречека на работна средба потпретседателот на Владата и министер за одбрана на Србија, Милош Вучевиќ, кој е во работна посета на земјата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на Министерството за одбрана на Северна Македонија, за време на средбата било разговарано за унапредување на соработката во доменот на одбраната, како и за учеството на земјите во регионалните иницијативи како платформи за зајакнување на регионалната стабилност и безбедност.
„Министерката Петровска истакна дека одржувањето на стабилноста во регионот е од приоритетно значење кое се постигнува со отворен дијалог и добрососедски односи, а дека активното учество во регионалните иницијативи за соработка придонесуваат за градење на меѓусебна доверба и разбирање“, се вели во соопштението.
Петровска нагласи дека целосната интеграција на земјите од Западен Балкан во Европската Унија суштински ќе придонесе за зајакнување на стабилноста и ќе ја зголеми соработката во регионот.
На состанокот, Петровска и Вучевиќ се согласија дека регионалните иницијативи во кои учествуваат Србија и Северна Македонија – Иницијативата СЕДМ, Балканските медицински сили, Иницијативата Б-9 на началниците на генералштабовите и Центарот за безбедносна соработка – РАКВИАК, се од заеднички интерес за земјите и ја унапредуваат билатералната соработка.