Admir Fazlagic
27 Април 2017•Ажурирај: 28 Април 2017
СКОПЈЕ (АА) - Откако пратениците кои го сочинуваат парламентарното мнозинство во Собранието на Република Македонија во тензична атмосфера го изгласаа пратеникот од ДУИ, Талат Џафери за претседател на Собранието, собраните граѓани во организација на иницијативата За заедничка Македонија се собраа пред зградата на Собранието, а дел од нив и влегоа во собраниската зграда, јавува Anadolu Agency (AA).
Неколку стотици граѓани се собрани пред Собранието на Република Македонија, каде што дел од нив тргнаа да влезат во Собранието и го пробија полицискиот кордон поставен пред главната собраниска врата.
Демонстрантите на иницијативата „За заедничка Македонија“, кои влегоа во Собранието, влегоа во пленарната сала каде што претходно Талат Џафери од Демократската унија за интеграција (ДУИ) беше избран за претседател на Собранието
Како што јавува новинарот на АА, во салата за конференции се наоѓале неколку пратеници од парламентарното мнозинство, меѓу нив и лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Зоран Заев, кој, наводно, бил повреден.

Присуството на полицијата е зголемено, а собраните граѓани порачуваат дека ќе останат пред Собранието извикувајќи слогани против пратениците од парламентарното мнозинство кои го избраа Талат Џафери за нов претседател на Собранието.
Потсетуваме, откако претседавачот со седницата во Собранието на Република Македонија, Трајко Вељановски ја прекина седницата и ја најави за утре, во моментот, најстариот член во Собранието, пратеникот Ферид Мухиќ, кој е дел од парламентарното мнозинство го овласти пратеникот Горан Мисовски да ја води седницата, на која со 62 потписи за претседател на Собранието беше избран Талат Џафери, пратеник од ДУИ.
Претходно, парламентарното мнозинство составено од 69 пратеници од вкупно 120, станаа на нозе барајќи да се премине на точката за гласање на претседател на Собранието на Република Македонија.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ станаа да го спречат гласањето на точката избор на претседател на собранието, а паралментарното мнозинство, побара тие да ја напуштат салата, бидејќи, како што рекоа, мнозинството се состои и без нив. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои сметаат дека тоа е надвор од прописите, станаа на нозе пеејќи ја химната на Република Македонија.